Наменета е за микро и мали претпријатија погодени од ковид-19, во вкупна вредност од 31 милион евра
30 милиони евра се средства од ЕУ што ѝ се доделени на државата како грант за признание за напредокот во реализација на Програмата за економски реформи и буџетската транспарентност
1 милион денари се веќе буџетирани во програмата П1 во Министерството за економија
Владата на синоќешната седница го задолжи Министерството за финансии да потпише договор со Развојна банка АД Скопје за администрирање на средствата од новата трета по ред бескаматна кредитна линија со грант-компонента наменета за микро и мали претпријатија погодени од ковид-19 (Ковид 3).
Вкупниот износ на третата бескаматна кредитна линија е 31 милион евра, од кои 30 милиони евра се средства од ЕУ што ѝ се доделени на државата како грант како признание за напредокот во реализација на Програмата за економски реформи и буџетската транспарентност. А останатите 1 милион денари се веќе буџетирани во програмата П1 во Министерството за економија, како буџетски придонес за мерката.
За ова, Министерството за економија треба да предложи одлука за префрлање на средствата од програма П1 од вкупно 60 000 000 денари на посебна сметка на Развојната банка како придонесе од буџетот за оваа мерка.
Финансиските средства од оваа бескаматна кредитна линија се повлечени од 50-те милиони евра награда за успешност заради целокупниот напредок во процесот на европска интеграција на Северна Македонија. За ова, Владата со официјален допис се обрати до Европската комисија, со кој извести дека средствата ќе се користат за антикризни мерки.
Развојна банка досега реализираше две бескаматни кредитни линии, од кои првата беше во вкупен износ од 5,5 милиони евра и беше наменета за секторите угостителство, туризам и транспорт. Со овие средства се одобрија 737 кредитни барања на домашни компании во кои работат 6 509 лица, а кои најголем дел – 77% се микрокомпании до 10 вработени.
Втората бескаматна кредитна линија, т.н. ,,Ковид 2“ се реализираше со вкупен буџет од 8 милиони евра и беше наменета за сите сектори, за микро, мали и средни претпријатија. Со оваа мерка се поддржаа 639 компании кои вработуваат 11 325 лица.