Во 19 часот, или на пет часа до завршувањето на денот, се уште не е објавена статистиката за бројот на новозаразени, починати и оздравени од ковид-19 за последното деноноќие. Министерството за здравство, кое ја споделува оваа статистика со јавноста, пред малку испрати извинување до медиумите, дека проблемот е во Институтот за јавно здравје.

„Министерството за здравство се извинува до медиумите и јавноста за денешното доцнење со информирањето за состојбата со ковид-19 во нашата земја. До овој момент сѐ уште не е испратена дневната статистика од Институтот за јавно здравје. Веднаш штом пристигне дневниот извештај, истиот ќе биде проследен до јавноста“,
соопштија од Министерството за здравство.
Вообичаено, дневните статистики се објавуваа неколку часа по пладне, најчесто меѓу 14 и 16 часот.
Последните неколку дена, драматично се зголеми бројот на нови случаи на ковид-19. Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во последните седум дена, процентот на позитивни од тестирани се искачи на 17,2% што е за 5% повеќе во однос на една недела претходно.
Вчерашната анализа на „360 степени“ на бројките кои ги објавува Министерството за здравство, покажа дека минатите седум дена се регистрирани далеку најмногу нови случаи на ковид-19 споредено со целиот период од почетокот на епидемијата.