Во текот на минатата недела (од 5 до 11 октомври) процентот на позитивни случаи од вкупниот број тестирани изнесувал 17,2% или за 5% повеќе во однос на една недела претходно, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Биле направени вкупно 13 028 теста, а од нив позитивни биле 2 243.
Заболените биле од сите возрасни групи. Најзастапена била возрасната група на лица 30-39 години со 20,3%. Голем број заболени биле регистрирани и кај лицата во возрасните групи 40-49 – 19,6%. Понатаму, од 20 до 29 години биле 18,5% од новите случаи, над 60 години биле 18,1% и во групата 50-59 години биле 15,3%. Најмал број имало кај децата 0-9 – 2,4% и 10-19 години – 5,9%.
Од 31 починат, кај 24 имало други коморбидитети
Од 5 до 11 октомври се регистрирани 31 смртен случај од 15 града или за еден повеќе од неделата претходно, покажува извештајот на ИЈЗ.
Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица.
Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а 4 лица на возраст од 50 до 59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години.
Кога станува збор за излекувани пациенти со два негативни теста или со употреба на новиот алгоритам, биле регистрирани 815 лица, што е за 29 повеќе споредено со претходната недела.