Буџетскиот оддел на САД испратил допис до Пентагон за „задршка“ на воената помош за Киев, 90 минути по телефонскиот разговор меѓу претседателот Доналд Трамп и неговиот украински колега Володомир Зеленски.
Американските медиуми синоќа објавија доверливи електронски писма од администрацијата, добиени од организацијата „Центар за јавен интегритет“, која се занимава со новинарски истражувања.
Дописот до Пентагон е потпишан од Мајкл Дафи, претставник на административно-буџетскиот оддел на САД.
Во изјава за новинарите, Чак Шумер, лидер на малцинството во Сенатот, синоќа изјави дека ова е уште еден доказ дека импичментот против Трамп е правилно решение.
Претходно, весникот „Вашингтон пост“ од свои извори дозна дека Белата куќа ги убедувала демократите да ги напуштат плановите за итна воена помош за Украина. Високи официјални лица од администрацијата за тоа се заканувале со вето на претседателот, кое би ја блокирало работата на владата.
Како што е веќе извесно, задржаната воена помош за Украина од 391 милион долари се случила паралелно со барањето на Трамп до Зеленски да спроведе истрага за неговиот политички ривал Џо Бајден, поранешен американски потпретседател и негов можен противкандидат на изборите во 2020 година .
Одлуката за задршка на воената помош за Киев е главната причина за отповикувањето на Трамп изгласано во Претставничкиот дом на САД минатата недела. Претседателот е обвинет од демократите по две обвиненија – злоупотреба на власта и попречување на работата на Конгресот.
Трамп сега се соочува со судење за импичмент во Сенатот, кое треба да се одржи на почетокот на 2020 година. Меѓу повиканите да сведочат на судењето се и Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност на Трамп, и Мик Молвејни, раководител на персоналот во Белата куќа. Демократите сега бараат на сослушувањата во Сенатот да се појави и Дафи.