Според високиот претставник на ЕУ, постигнувањето конечен договор во дијалогот е прашање на месеци, а не на години, под услов и двете страни да дејствуваат конструктивно
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека Унијата не пропишува ништо „како решение за конфликтот Белград-Приштина“, но какво и да е решението, тоа е неопходен услов за напредок кон членството во Унијата.
Борел ова го изјави давајќи збирен извештај за заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, за што во Луксембург извештај даде специјалниот претставник Мирослав Лајчак, пренесува МИА.
„Тоа е сложен процес, тој дијалог, воопшто не е лесен, има емоции, но тој продолжува. И двете страни покажаа подготвеност да го подобрат дијалогот, и покрај мачните, сложени прашања. Лично сметам дека постигнувањето конечен договор во дијалогот е прашање на месеци, а не на години, под услов и двете страни да дејствуваат конструктивно, а ние не пропишуваме, туку само посредуваме и не сакаме вештачки да го забрзаме или попречиме спроведувањето на веќе потпишаните договори и оние кои треба да бидат решени“,
изјави Борел, одговорајќи на прашање дали е точен заклучокот дека дијалогот е во застој затоа што двете страни не можат да се договорат за темите на преговорите и како министрите гледаат на барањето на српскиот претседател Александар Вучиќ јасно да се каже дали на Србија и се отвораат вратите на членството во Унијата ако треба да донесе некои „далекусежни одлуки во врска со Косово“, како што изјави Лајчак пред седницата.
Високиот претставник на ЕУ рече дека и српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти ја нагласиле нивната посветеност кон европската интеграција и „тие знаат дека какво и да е решението за конфликтот Белград-Приштина, тоа е неопходен услов за напредок кон ЕУ“.
Лајчак ги информираше шефовите на дипломатиите на Унијата за развојот на дијалогот и тие му дадоа целосна поддршка за продолжување на посредувањето меѓу двете страни.
Министрите ја истакнаа решеноста на ЕУ да го заврши успешно дијалогот и побараа од Белград и Приштина да преговараат „со добра волја и во духот на компромисот“,
изјави Борел, нагласувајќи дека „успехот на дијалогот е клучен за стабилноста на регионот и на самата ЕУ“.
Тој ја поздрави улогата на САД како важен партнер, но порача дека ЕУ е посредник и го води овој дијалог. Нагласи и дека земјите кои сакаат да станат членки на Унијата мора да ги исполнат условите за добрососедски односи и регионална соработка. Тој заклучи дека секој кандидат за членство тоа ќе го постигне врз основа на своите заслуги.