Извештајот на ОН потенцира и некои охрабрувачки знаци што биле забележани во текот на изминатата деценија и дава препораки за тоа како да се избегне понатамошна штета по 2020 година, анализира порталот „The Climate Herald“
Новиот осудувачки извештај објавен од Обединетите Нации (ОН) покажува дека глобалната заедница не успеа да постигне ниту една од 20-те цели за биолошка разновидност кои беа воспоставени во Аичи, Јапонија, во 2010 година, наведува порталот „The Climate Herald“ кој редовно објавува написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања.
Станува збор за анализа која овој портал ја прави на извештајот кој беше објавен пред Самитот на ОН за биодиверзитет што се одржа во Њујорк на 30 септември годинава.

Во анализата „The Climate Herald“ наведува дека 20-те цели за изминатата деценија кои не се исполнети всушност беа поставени за да се зачува биодиверзитетот во светот, да се промовира одржливоста на видовите и да се заштитат екосистемите, во време кога тие изумираат, а сето тоа е поттикнато и од климатската криза.
„Во 2010 година, лидери од 196 земји се состанаа во Аичи, Јапонија и се согласија на список од 20 цели насочени кон зачувување на животот на Земјата. Десетгодишниот план се состоеше од амбициозни, но клучни цели за спречување на широкото уништување на биодиверзитетот во светот како и човечката и планетарната благосостојба. Со приближувањето кон крајот на деценискиот временски рок, новиот извештај објавен од ОН објаснува како не успеавме да постигнеме ниту една единствена цел зададена за оваа деценија“,
пишува во анализата на „The Climate Herald“.
Делумно постигнување во 6 цели, а незначителен напредок во останатите 14 цели
Од 20-те цели, како што пишува во анализата, шест биле „делумно постигнати“ во изминатата деценија. Меѓу нив се: мерките околу контрола мерките околу контрола на инвазивни видови, заштитата на специфични копнени и морски области, зголеменото применето и споделено знаење околу биодиверзитетот, финансиската и политичката поддршка за зачувување на биодиверзитетот, како и фер и правичен пристап до генетски ресурси.

За 14 цели, пак, е забележан мал или речиси незначителен напредок.
Тука спаѓаат подигањето на свест за вредноста на биодиверзитетот, интеграцијата на вредностите на биолошката разновидност и стратегиите за намалување на сиромаштијата.
Во оваа група со незначителен напредок, анализира порталот, спаѓаат и целите да се стави крај на субвенциите за штетни практики, да се намали стапката на загуба на природни живеалишта и ранливи екосистеми, да се зголеми одржливата потрошувачка и одржливо ловење на морски животни. Понатаму, да се спроведат одржливи земјоделски практики, драстично да се намали загадувањето, да се спречи понатамошно истребување на загрозени видови, да се одржи генетската разновидност. Мал напредок има и во целите поставени за обновување на важни екосистеми, зголемена отпорност на екосистемите и почитување и заштита на традиционалното знаење од домородните и локалните заедници релевантни за зачувување на биолошката разновидност.
Кои се охрабрувачките знаци во извештајот на ОН?
„The Climate Herald“ во својата анализа забележува дека авторите на извештајот на ОН препознаваат и неколку позитивни знаци кои би можеле да го осветлат патот за глобалниот диверзитет.
„Вредности на биодиверзитет беа додадени на националните сметководствени системи на скоро 100 земји, а на глобално ниво забележано е двојно зголемено финансирање на мерки за зачувување на биодиверзитетот. 170 земји ги ажурираа своите Национални стратегии за биолошка разновидност и акциски планови, а има збогатување на податоците и информациите за биолошката разновидност што им беа достапни на граѓаните, истражувачите и креаторите на политиките“,
пишува во анализата на порталот.
Како позитивни значи се наведува и тоа што стапката на уништување на шумите се намалила за една третина во споредба со претходната деценија, воведено е подобрено и управување со риболовот во некои клучни области, а има и поголемо ширење на заштитените подрачја и намален е бројот на истребувања на некои видови.
Сепак, се забележува дека обемот на овие подобрувања не е доволно голем за да направи позитивна разлика на глобално ниво, но авторите на извештајот тврдат дека од ова може да се извлечат поуки за во иднина.
Како понатаму?
Биодиверзитетот на планетата е во неволја и пред нас е долг пат за да успееме да избегнеме катастрофална ситуација, пишува во анализата објавена на „The Climate Herald“ за извештајот на ОН.
Пандемијата со ковид-19, се нагласува, уште повеќе ја истакнува важноста да се одржи здрава врска помеѓу луѓето и природата.
Авторите на извештајот на ОН наведуваат голем број научени лекции и чекори што треба да се преземат во текот на следниот период, а порталот „The Climate Herald“ ги наведува под следните точки:
- Посилни владини, економски и општествени мерки за решавање на причините за губење на биодиверзитетот;
- Поголема интеграција на родова еднаквост, домородно население, локални заедници и целокупно повисоко ниво на ангажирање на засегнатите страни;
- Посилни национални стратегии и спроведливи акциски планови за биодиверзитет;
- Повеќе добро дизајнирани, реално остварливи цели со користење на SMART критериумите;
- Побрзо и поефикасно спроведување на стратегиите;
- Зголемена национална амбиција и редовно ажурирање на активностите за зачувување;
- Повеќе тековно евалуирање, адаптивно управување и разбирање на причините за успесите и неуспесите во мерките и политиките за биодиверзитет;
- Контрола на спроведувањето на поодржлива и посоодветна поддршка на земјите.
Сите активности кои би се преземале во иднина, се нагласува дека мора да бидат усогласени и со целите на Агендата за одржлив развој за 2030-та година и Парискиот договор за климатски промени.