Во своето обраќање премиерот порача дека битката со ковид-19 ќе се вжештува, а покрај борбата со вирусот, тука се и лажните вести, по што ја повика опозицијата да ги напушти тесноградите партиски интереси
Во темелот на македонската државност се вградени заложбите, напорите и саможртвата на огормен број генераци, а денеска имаме држава меѓународна призната од сите, како и македонски јазик и идентитет, се дел од пораките кои ги испрати премиерот Зоран Заев од Куманово на одбележување на 11 Октомври – Денот на народното востание.
„Денес Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, државна валута и со сите постулати на државност. Нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Во европските институции, во Брисел и во Стразбур“,
рече Заев во неговото обраќање од Куманово.
Тој порача дека денеска имаме патриотска должност да обезбедиме праведно општество и да имаме меѓународно интегрирана држава. Затоа рече, приоритетот во претходните три години бил насочен на надворешен план, а со договорите со Бугарија и Грција е направен пробив на меѓународен план, а денес имаме соседи кои ни се сојузници и поддржувачи.
Ковид-19 е нашата битка
Заев испрати пораки и за состојбата со ковид-19 посочувајќи дека и светот и нас нè очекува неизвесна есен со многу предизвици, а борбата со пандемијата ќе се вжештува.
„Како и светот така и ние ќе се справиме со пандемијата само ако сме здружени и ако ги почитуваме мерките. Токму затоа од ова место на непокор и стремеж за слобода сакам да испратам порака: Ова важи за сите. Ова е нашата битка денес, имаме невидлив непријател со кој очекувам да се избориме заедно, институциите и граѓаните заедно“,
рече Заев.
Борба против лажните вести и порака до опозицијата
Покрај тоа што се соочуваме со најголемата здравствена криза, според премиерот, денеска водиме битка и со една од најопасните појави на новото време – феноменот на лажни вести.
„Појава која, за жал, некогаш е убиствена колку и самиот вирус. Во таа насока ги повикувам сите, ја повикувам и опозицијата, да ги напуштиме тесноградите партиски интереси и да покажеме државничко однесување. Македонската државност е изнедрена од борбата за правда и еднаквост“,
рече Заев.
На граѓаните тој им порача да бидат и партнер, но и коректив на власта и да испраќаат гласни и конструктивни забелешки.