За една недела има ист број заразени со ковид-19 колку што Филипче тврдеше дека ќе имаме во текот на целата пандемија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.
Од партијата ја обвинија власта дека нема стратегија за борба со пандемијата.
„ Кога ќе помислиш дека дното е пробиено, СДСМ те демантира. Од ден во ден имаме се повеќе заразени од коронавирус. Бројката од 386 луѓе во текот на вчерашниот ден е најголемиот број на заразени луѓе во еден ден во Македонија.За само една недела од 02.10.2020 до 09.10.2020 година имаме над 2000 заразени. Бројот на заразени во изминатава недела е доказ дека Филипче нема ниту капацитет, ниту стратегија за да се справи со ова зло. Наместо реална борба со коронавирусот ние од Заев и Филипче имаме само евтин ПР, за секојдневни ситни политички поени“,
велат од ВМРО -ДПМНЕ.
Алудирајќи на новите предлог мерки за справување со вирусот, во партиското соопштение се додава дека додека бројките растат, се прави уставно кршење на приватноста на граѓаните.
„Буквално секој ден е нов пик. Македонија се уште не е излезена од првиот бран на коронавирус, кој никогаш не ни завршил. А ни претстои уште поголем есенски бран. Во последните неколку дена имаме галопирачки раст на бројките, а се што прави Заев е уставно кршење на приватноста на граѓаните. Наместо безидејност, граѓаните бараат одговорност“,
се вели во партиското соопштение.