Министерот за здравство Венко Филипче во интервју за „360 Степени“ одговараше на прашање за критиките за новите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот и за тоа дека се тешки за спроведување, посебно мерката која би спречувала групирање по домовите на граѓаните.
„Апсолутно сме свесни за тоа. Ние сме свесни дека тешко се контролира колку гости дома доаѓаат и дали ќе се организира слава. Но во исто време сме свесни дека токму тоа се ризик факторите. Од семејни собири почна вториот бран. Од почетокот на кризата укажуваме и сме свесни дека не може здравствените работници ниту здравствениот систем сам да се бори со оваа криза. Тука се сите, и институциите што тоа го спроведуваат и контролираат, но пред се граѓаните со степенот на свест дека ова е криза за која и тоа како можат самите да придонесат. Внимавајте, нема трансфер на вирусот таму кадешто мерките се почитуваат. Нема кластери кајшто луѓето се со маски или одржуваат дистанца, таму кајшто не се почитуваат мерките се проблемите. Затоа се обидуваме да го опфатиме апсолутно секој сегмент од функционирањето и живеењето во којшто има ризик да веќе пропишаните мерки не се почитуваат или препорачаме нови мерки за да се избегне, пред се групирање, за да се избегне групирање на луѓе коишто не носат маски, затоа што само така ние може да се справиме со оваа криза“,
вели Филипче