Премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, и претседателите на Црна Гора и Србија, Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ, на состанокот во Тирана во рамки на иницијативата Мини шенген ги разгледаа резултатите од спроведување на четирите слободи во регионот, утврдени на претходните два состанока во Охрид и Нови Сад и договорија нови мерки – една од нив е соработка на дирекциите за заштита и спасување на секоја од земјите од Западен Балкан и во таа насока во февруари во Белград, ќе биде потпишат документот Протокол од Драч, како и унифицирање на на процедурите за издавање работни дозволи.

Четворицата лидери на земјите учеснички и на оваа средба го реафирмираа ставот дека оваа иницијатива има за цел да ја забрза соработката за да се олесни и забрза процесот на европска интеграција на секоја од земјите од Западен Балкан, и дека таа е отворена за сите шест земји во регионот, јави известувачот на МИА од Тирана.
„Секоја земја во овој процес има прогресивна придобивка и во наредната година ќе имаме 1,2 милијарди евра за да ги реализираме договорите. Овие фондови не се кредити, туку се грантови“, порача домаќинот на состанок Рама.
Минување граници без застанување – Non stop shop

Премиерот Заев истакна дека со оваа иницијатива регионот покажува дека ова е нов Балкан, Балкан на 21 век во којшто седиме и разговараме и сакаме да направиме многу повеќе од тоа што досега сме го правеле. Осврнувајќи се на досега реализираното во рамки на иницијативата Мини шенген, рече дека 24-часовната соработка којашто ја воспоставивме со Србија веќе ги дава првите резултати од корист и за граѓаните и транспортерите на границата Табановце-Прешево. Од Охрид до сега за четири седмици, додаде тој, ги потпишавме договорите за граничниот премин Лојане – Миратовац, што е, рече Заев, придобивка за граѓаните за С.Македонија и Србија, но во конкретниов случај и преку 95 проценти за Албанците и од Србија и од С.Македонија.
„Во февруари на состанокот во Белград верувам дека царинските институции на С.Македонија и на Албанија ќе го потпишат договорот за One stop shop на граничниот премин Ќафасан, како што тоа веќе функционира меѓу Србија и С.Македонија. Главна цел на One stop shop, односно гранични контроли со едно застанување е наскоро да станат Non stop shop – односно да нема повеќе застанувања. Секако спроведувањето на безхартиен систем којшто треба да го воспостават царинските испостави и агенции е цел која што е поставена пред нас“, рече Заев.
Неодамнешните одлуки донесени во рамките на ЦЕФТА за време на претседателството на Албанија особено одлуката за автоматско признавање на овластените економски оператори, додаде Заев, е нешто важно што треба да биде истакнато, како што е и намерата за унифицирање на процедурите за издавање работни дозволи.
Заедничка процедура за работни дозволи
„Секако решивме во февруари да потпишеме заеднички меморандум за движење на лица со лична карта и унифицирање на процедурите за работните дозволи на сите граѓани во регионот, односно го преземаме софтверскиот систем од Србија и ние во С.Македонија и Албанија каде со директно мечирање на нашите Министерства за внатрешни работи, царинските испостави и слично имаме можност на граѓаните на нашата земја и на Албанија директно преку ваквиот софтверски систем тоа да го најават и веднаш ќе следат процедурите за барање работни дозволи, работни визи, односно ќе можат да се вработуваат обострано во сите земји со едноставно приклучување и навремено најавување на овој систем“, рече Заев.
Српскиот претседател Вучиќ истакна дека преку оваа иницијатива ќе се обидат да формираат единствен пазар на труд, што ќе значи убедливо поголемо привлекување на странските инвеститори.
„Кога Србите и Македонците ќе сакаат да работат во Албанија ќе треба да се евидентираат и потоа да имаат трајна работна дозвола за работа во Албанија. Исто ќе биде и со албанските и македонските работници во Србија. Тоа е од огромно значење“, истакна српскиот претседател.
На странците ќе им треба само една виза за во „мини шенгенот“

Заев, исто така, спомена уште една тема. Тој додаде дека на состанокот станало збор и за создавање можности за кој било жител од која било земја од Америка, Австралија…при влез во овој регион на граничен премин од Унгарија или Грција, Хрватска, повеќе да не му требаат дополнителни визи кога ќе патува низ регионот.
„Значајно е што конечно во овој период Северна Македонија и Албанија очекуваат позитивни пораки оваа пролет затоа што ова што го правиме овде е навистина ЦЕФТА+, Берлински процес+, нешто што можеме да направиме вака сами здружени. Верувам дека тоа нашите граѓани ќе го почувствуваат и дека европските партнери ќе му дадат дополнителна важност“, рече Заев.
На новинарско прашање Заев рече дека поддршката на ЕУ и на САД значи само забрзување на нашите интегрирања во ЕУ и ништо повеќе. ЕУ е нашиот пат, европските вредности се нешто што нашите граѓани тоа го очекуваат, а нашата должност како лидери на земјите е тоа да им го овозможиме час поскоро.
„Оваа соработка која што ја отвораме може да биде дополнителен акцелератор на отстранување на нетрпението на нашите граѓани за побрзо членство во ЕУ, но секако со причини низ вистински трансформативни процеси коишто ќе не европеизираат. Таа европеизација можеме плус да ја направиме и самите преку ваката соработка која што ја правиме. Гледаме многу простор пред нас и веруваме дека тој простор треба да го искористиме. И не само тоа, должност ни е да работиме во функција на граѓаните, на економијата, на стопанството, на фирмите за да може да донесеме повисок економски стандард час поскоро колку што е можно тоа побрзо да се случи и верувам дека така ќе бидеме подобри служители на нашите граѓани. Но истовремено очекуваме и земјите на ЕУ и европските институции тоа да го препознаат како наша сериозно зголемена аспирација за побрзо членство во ЕУ. Ништо повеќе, ништо помалку“ рече Заев.
„Не, благодарам“ од Ѓукановиќ ако види дека зад ова се крие идеја за некоја нова унија

Црногорскиот претседател Ѓукановиќ нагласи дека тој во овој дијалог не препознава идеја за некоја друга унија која би била супституција за ЕУ.
„И кога тоа би се појавило наш одговор ќе биде, ‘не, благодарам’. Ние сакаме да сме дел од ЕУ и на тој план долго и вредно работиме. Оваа иницијатива е инклузивна и отворена, не поставува услови, не се наметнува никому. За мене постојаното одбивање на косовските власти да дојдат на оваа маса е несфатливо. Овде сме да изградиме мостови меѓу минатото кое не разделува и иднината која што не обединува. Во ниту еден случај историјата не покажала дека само изолацијата донела добро за идните генерации“, порача Ѓукановиќ.
Критики за косовските власти

Критика за косовските власти упати и Еди Рама. Тој им се обрати ним за одбивањето да седнат на маса на оваа иницијатива, со оценка дека одлуката за невклучување во иницијативата ќе му наштети на Косово.
„Ова повторувачко одбивање на косовските власти да учествуват на оваа маса е несфатливо и штетно за самото Косово“, рече Рама и посочи дека раните од минатото не се лекуваат со отров и киселина, туку со лекови.
Албанскиот премиер рече дека оваа иницијатива ќе продолжи и оти договорите ќе се спроведуваат.
„Ако гледаме низ историјата затворањето и одбивањето не донеле добри работи, а особено за новите генерации“, рече Рама.
Харадинај: Целта е Косово да ги укине таксите кон Срвија

Косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај, пак, денеска порача дека мини шенгенот е со цел да се укинат косовските такси кон Србија.
Коментирајќи ја денешната средба во Тирана на Рама, Заев, Вучиќ и Ѓукановиќ, Харадинај рече дека Косово е заинтересирано за „Шенген со главен град Брисел“, а не за „ мини шенген со главен град (центар) Србија“.
„Сите земји од Западен Балкан, значи шест колку што останаа без да се зачленат во ЕУ, имаме договори со ЕУ. Косово го има ДСА и треба да се фокусираме на него. Тоа значи дека немаме потреба од некаков мини-Шенген со Србија како главен град, или Србија како лидер на нашиот мини шенген. Заинтересирани сме за Шенген, во случајов со главен град Брисел, значи за ЕУ. Косово е евроатлантска земја и тоа е нашата перспектива“, изјави Харадинај.
Според него, единствена цел на иницијативата за создавање на зона за слободно движење на капитал и луѓе меѓу земјите од регионот, е укинување на таксата од 100 осто што Приштина ја воведе на увозот на српски производи кон крајот на минатата година и која е се уште во сила.
„Може да се види дека сево ова се прави за да ни ја укинат таксата која ја воведовме. Целиот проект на мини-Шенгенот има една единствена цел: да се укине таксата. Значи и нервозите кои ги имаат последниве денови (Рама и Вучиќ) доаѓаат токму поради тоа што им паѓаат во вода таквите планови“, изјави Харадинај.