Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, по денешната средба со македонскиот колега Бујар Османи овде во Софија не изговори зборови како блокада или вето, но не кажа ниту дека Северна Македонија може да смета на поддршката на Софија за во декември да се одржи првата меѓувладина конференција со Европската Унија. Барем не без нешто да се случи во следните неколку недели до ноември, кога земјите членки на ЕУ би требало да ја усвојат Преговарачката рамка за земјава.
„Во моментов тимовите и во Европската комисија и во државите членки работат на предлог-заклучоци. И тоа што го кажавме и јас и министерот Османи, мислам дека беше прилично слично, е дека сега е моментот да го возобновиме она што беше запрено и да постигнеме напредок, за кој сум убедена дека е возможен само ако имаме искрен пристап во нашите односи. Повторно ќе потсетам дека Бугарија прва ја призна независноста на тогашна Република Македонија, така што Бугарија одамна ги призна современите политички реалности, секогаш ги поддржува независноста и државниот суверенитет на Република Северна Македонија, никогаш немала територијални претензии и никогаш не го порекна правото на самоопределување на нејзините граѓани. Затоа, потполно е неусмено да се подметнуваат тези во спротивна насока, како меѓу граѓаните на нашите две земји, така и на меѓународен план. Она што сега е неопходно е, како што Бугарија ги признава современите реалности, така Република Северна Македонија да ги признае историските реалности поврзани со процесот на создавање на новиот национален идентитет. Вие ја цитирате јазичната клаузула од Договорот, всушност, Бугарија не сака ништо повеќе освен да се исполни она што е во Договорот. Не знам од каде ви е информацијата дека Бугарија има нови претензии за тоа. Тоа не е точно, тоа не е точно“,
рече Захариева.
Но, ова што го кажа Захариева за јазичната клаузула на денешната прес-конференција е во спротивност со содржината на вербалната нота и објаснувачкиот меморандум што Бугарија ги испрати до Брисел и европските престолнини, како нејзин одговор на Преговарачката рамка предложена од Европската комисија. Токму на барањето на Софија содржан во тие документи – јазикот да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија се однесуваше и моето прашање до шефицата на бугарската дипломатија.
„Јас, навистина, сум вчудовидена што на меморандумот се гледа како на нешто изненадувачко. Сите години нашата поддршка и за НАТО и за Европската Унија минува низ признавањето на историските реалности и вистина кои доведоа до создавањето на Република Северна Македонија и правото на граѓаните да се самоопределат како што ќе одлучат. Тоа во никој случај не треба да води до оспорување, како што, за жал, продолжува до ден денес да се случува со нарушување на Договорот што го потпишавме, на националниот идентитет на населението во Бугарија. Немаме против македонските граѓани да се определат како ќе одлучат. Никогаш и не сме имале. Во Договорот имаме договорена јазична клаузула. Ние сакаме да се примени на тој начин. Тоа се оспорува од вас, не од нас. Ние со меморандумот потсетуваме што има во нашиот Договор. Иако ни изгледа малку, времето е доволно, ако имаме волја и желба, ние уште еднаш да потврдиме дека не ја оспоруваме современата реалност, а вие да ги признаете историските факти и вистината. Мислам дека нема ништо поубаво и не би требало да е проблем за две соседни држави да имаат заедничка историја која ќе им биде мост за иднината. Да, Комисијата ќе се состане по една измината година, минатиот ноември се состанаа последен пат, на барање на вашиот дел од Комисијата беше таа голема пауза. Се надевам дека ќе се вратат на духот на конструктивноста, кој го имаше на почетокот. Се надевам дека двете страни нема да ја политизираат работата на Комисијата и да се работи по договор. Да најдат решение за заеднички настани и личности, засновано на автентични историски извори. Ние не сакаме ништо кој знае колку специјално“,
рече Захариева.
Министерот Османи во Софија беше примен и од премиерот Бојко Борисов, кој по средбата на фејсбук напиша, цитирам: „Историјата треба да е мост на пријателство и блискост, а не распарчен мост по кој Република Северна Македонија не би можела да помине по патот кон Европската Унија“. Бугарските медиуми објавија видео од почетокот на средбата Борисов-Османи.
„Да ви кажам добредојдовте. Многу се надевам дека Северна Македонија ќе го добие неопходното уверување и од нас за да оди по патот за присоединување кон Европската Унија. Треба да се направат неопходните компромиси од двете страни, како што тоа го направија многу други. Но, ние сме должни за сегашните и идните поколенија да направиме за на ниту еден начин Северна Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан да не бидат сопирани на патот кон ЕУ. Се разбира, јас сум многу вознемирен од впишувањето на ОМО Илинден и македонско малцинство во Бугарија, да тоа е една политичка резолуција во Европскиот парламент. Но, тоа во никој случај не е од полза во овој момент кога бараме компромиси и на историчарите и на нашите политички партнери во Северна Македонија, да најдеме решение. Според мене, не знам од каде дојде тоа. Но, е факт. Така што, добредојде, од денешната средба почнуваме заедно со министерката Захариева, со вашиот премиер, на сите нивоа, разговори за да можеме до 10 ноември, кога Бугарија и Северна Македонија копретседаваат со Берлинскиот процес, да имеме компромисно решение што ќе ги задоволи сите. Имате многу работа. Тоа е многу сложен, многу брз и во исто време важен и неопходен процес. Вашите граѓани треба да знаат дека во Бугарија сте имале, имате и ќе имате најголема поддршка. Едноставно, треба да направиме историјата да биде мост на пријателство, на блискост, а не скршен мост по кој Северна Македонија не ќе може да помине. Тука политички игри и не треба да има. Перспективата и моментот се толку важни, за време на германското претседателство да се даде старт на процедурата, на меѓувладините конференции… Според мене, ќе биде грев пред историјата сегашните политички раководства во Бугарија и во Северна Македонија да не најдат компромис. И нема да не разбере ниту светот“,
рече Борисов.
За резултатите од денешната посета на Софија разговарав со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Министре Османи, што треба конкретно да се сработи, што конкретно Бугарија бара да биде завршено до 10 ноември за да се согласи со нацрт-преговарачката рамка што е вовед во одржувањето на Првата меѓувладина конференција?
„Мислам дека последниот период, дел од објективни, дел од помалку објективни причини имало ослабната комуникација која можеби не довела до оваа ситуација, тоа е пандемијата, тоа се изборите. И овој период ние треба да се обидеме преку поинтензивна комуникација да ги вратиме работите во првобитната рамка. Рамката е точно дефинирана, инструментите ги знаеме, тоа се заснова на договорот за добрососедски основи и тоа што треба да го покажеме овој период, и политичка посветеност кон имплементирање на обврските од двете страни, и Република Бугарија кон обврската за поддршка на евроатланската интеграција, и нашите обврски коишто произлегуваат од договорот, и сепак, и да покажеме конкретни резултати. Така да, сметам дека тоа создавање на политички амбиент којшто ќе покаже посветеност кон обврските на договорот ќе биде важен предуслов за да се направи исчекор во дел од обврските, а се разбира, ние сме во пресрет на започнување на преговори. Што значи дека хоризонталната контрола на движењето на државата во текот на процесот ќе биде тука во наредните години. Се разбира дека сите прашања не може да се решат во една недела, две недели, меѓутоа посветеноста, политичката волја, сериозноста во пристапот од двете страни, јасните механизми како треба да се движиме напред, мислам дека може да биде формулата како заеднички да излеземе од оваа ситуацијата“,
вели Османи.
Впечатокот по денешната прес конференција е дека има барање за повторна реафирмација на одредени елементи на Договорот за добрососедство преку една форма на заедничка декларација од страна на двајцата премиери?
„Ние тука разговаравме дека постои политичка волја од двете страни да продолжат да го негуваат пријателството кое се заснова и на Договорот за добрососедски односи и се договоривме да ја интензивираме комуникацијата во наредните денови. Јас не можам да предвидам која форма ќе придобие таа комуникација и кој ќе биде исходот, меѓутоа важно е сега да комуницираме на сите нивоа, веќе е договорена средба на комисиите, јас ќе имам почеста комуникација со министерката, во очекување сме и на средба помеѓу премиерите за да најдеме начин како таа политичка волја и посветеност да ги претвориме во конкретен исчекор којшто треба да се круниса со поддршка на Република Бугарија за започнувањето на преговорите“,
вели Османи.
Дали по денешните средби со премиерот Борисов и со шефицата на дипломатијата Захариева сте оптимист дека е реално дека е можно во декември да се одржи првата меѓувладина конференција?
„Мислам дека успехот нема алтернатива овој пат затоа што ова е историски важен момент за двете држави. Република Бугарија има внесено преголем политички влог, но е и преважен стратешки интерес на Бугарија е европската персепектива на регионот а исто така тоа е и за нас, така да не верувам дека било кој би ризикувал да ја пропушти оваа историска шанса, не само во нашите односи, но и во целокупната регионална динамика“,
вели Османи.
Заклучокот по посетата на Османи би бил дека нема извесност, но има патоказ за тоа како да се стигне до согласност од Бугарија за одржување на Првата меѓувладина конференција за Северна Македонија во декември и дека следните недели се клучни за тоа.
Од Софија за „360 Степени“, Владимир Мирчески.