Земјава треба да биде задоволна од целокупната оцена на Европската комисија изнесена во годинешниот Извештај. Ова го заклучиле вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров и австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер, на нивниот денешен состанок реализиран преку видоеконференциска врска.
„Гласната и принципиелна поддршка на Австрија за европското интегрирање на регионот е уште еден силен аргумент на контото на заедничкиот успех со ЕУ, покрај новата методологија и зеленото светло за почеток на преговорите. Шансата за успех треба да се преточи во резултат, како што е заслуженото отпочнување на преговорите на Северна Македонија со Унијата оваа година“,
рече Димитров.
Во фокусот на разговорот беа годинешниот Извештај на Европската комисија за процесот на пристапување на земјата во ЕУ, Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, како и билатералната соработка.
Димитров нагласи дека новата влада со засилено темпо се посветува на реформската европска агенда и дека Извештајот и овој пат ќе биде корисен патоказ за дефинирање на приоритетите и реформските чекори во овој значаен период.
На средбата министерката Едштадлер одговори потврдно на поканата на вицепремиерот Димитров за посета на Северна Македонија, која е предвидено да се реализира во ноември.