Поранешната министерка за култура, а сега една од пратеничките од опозицијата која гласаше за отворање на уставните измени, Елизабета Канческа-Милевска во интервју за „360 Степени“, зборуваше за одлуката да гласа, тврдењата дека имало поткуп или пазарење за судски пресуди во замена за глас, исклучувањето од ВМРО-ДПМНЕ по гласањето и тврдењето дека ја предала својата партија.
– Во ниеден момент не сум ја предала партијата. Напротив, јас за партијата имам направено многу. Зошто да ја предадам партијата? Затоа што сметам дека треба да влеземе во амандманска расправа? Да дискутираме, да дадеме некој придонес, дали можеме нешто да видоизмениме во однос на тој договор? За тоа сум ја предала партијата? Затоа што имам изградено одреден став? Ако партијата ме почитува мене како личност треба да го слушне и мојот став. Ние треба како пратеници да дебатираме и во партијата. Значи нас партијата не поставила како пратеници. Граѓаните ни дале доверба преку партијата и преку идеологијата и сите оние постулати да бидеме пратеници. Затоа велам дека не чувствувам дека сум ја предала партијата – рече Канческа-Милевска.
Таа категорично демантираше дека нејзиното гласање имало некаква поврзаност со случајот на СЈО, „Тендери“ во кој таа е обвинета.
– Некој споменува дека имало поткуп, средства се делеле… повторно ги повикувам сите коишто имаат таков сомнеж или имаат било каков доказ, да го изнесат. Јавно да кажат дали некој зел и е поткупен. Не можеме туку така од ракав да кажуваме некои работи. Ја повикувам и опозицијата и власта, СЈО, дали со мене постоеле такви преговори во таа насока? Не! Јас стојам зад мојата одлука и никој не ми вршел притисок. Значи, мојата одлука ја донесов за една подобра иднина на нашата држава.- рече Канческа Милевска.
Таа рече дека смета дека е направен историски исчекор во оваа фаза и дека гласала со цел да започне амандманска расправа и да се дискутира за договорот.
Зборуваше и за прашањето на безбедноста на пратениците по гласањето.
– Лично јас се чувстувам безбедна бидејќи верувам во перспективата на мојата држава и во тоа што го донесов како одлука во тој момент. Се движам како и досега. Но жалосно е да втурнувате деца – рече Канческа Милевска подвлекувајќи дека била против таквата пракса и во времето додека беше министерка.
Во однос на исклучувањето таа вели:
– Многу исправено и гордо ги прифаќам сите работи што се случуваат бидејќи сум чесна во моите одлуки. Одлуката на партијата е избрзана и оди надвор од постулатите на кои е поставена. Моите размислувања сум ги пренела на Мицкоски. Мислам дека во овој период треба да преовлада разумот и да има единство во однос на суштинските прашања на државата. Треба политиката да ја тргнеме на страна. Патриот за мене е онаа личност што и мисли добро на иднината на државата и што може низ дебати да ги реши суштинските прашања – рече Канческа Милевска.
Напишете коментар