Со 4,2 милиони евра од државниот буџет, премиерот Зоран Заев денеска и официјално најави санација на колекторскиот систем во Охридско-струшкиот регион, кој е речиси во колапс. Ќе се заменат и сите препумпни станици, а се најавува и санирање на целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица. Се планира и чистење на целата атмосферска и канализациска мрежа во Охрид, Струга и Дебрца во должина од околу 300 километри.
„Во 2017 година, уште во првите три месеци по конституирањето на овој состав на Владата, ние рековме дека ќе преземеме сериозни и итни мерки. Во наредните 5 месеци ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. Охридското Езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем“,
рече Заев денеска во Охрид.
Санацијата ќе се врши со најсовремена технологија, со чистење на цевководот одвнатре, без ископ на постојната мрежа.
Досега колекторскиот систем беше под ингеренции на меѓуопштинското претпријатие „Проаква“, кое тонеше во долгови и немаше капацитет да го санира колекторот. Сега Заев вели дека проектот е во рацете на новото јавно претпријатие „Колекторски систем“, со целосно порамнети долгови.
„360 степени“ пред две години алармираше дека поради дотраеноста колекторскиот систем е темпирана бомба, која може да предизвика еколошка катастрофа во Охридското Езеро и реките. Дел од бетонските цевки на колекторот се испукани, во нив се израснати корења, има несоодветни приклучоци и разни отпадоци – најмногу влажни марамчиња.
Ја поминавме и рутата по која се протега колекторскиот систем. Дел од шахтите ширеа непријатна миризба покрај езерото, а дел беа во визуелно добра состојба. Влеговме и во централната пречистителната станица во струшко Враниште, која е речиси во целосен застој. Последната пумпна станица, која е дел од централната пречистителна, воопшто не е во функција, па водата не може да стигне до базените за прочистување. И главната пречистителна станица личи на запуштен имот, обраснат во трева и со ‘рѓосана опрема.

Наместо да се прочистува, водата преку огромна цевка, уште пред станицата, се излева нетретирана во Дрим.

Целиот прилог на „360 степени“ може да го погледнете во продолжение.