Група од 35 бугарски историчари и научници преку заедничко соопштение под наслов „Европа не нè разбира“ објавија заеднички став против Меморандумот кој Бугарија го испрати до земјите членки на ЕУ во кој обвини за „државна антибугарска идеологија“ и „етнички и јазичен инженеринг“ во Северна Македонија.
Соопштението го објави порталот „mediuapool.bg“ и во него се наведува дека Меморандумот не ги одразува вредностите врз кои е изградена ЕУ. Со ваквото соопштение, бугарските интелектуалци се спротивставуваат и на неодамнешната изјава на копретседавачот на македонско-бугарската комисија за историските прашања, Ангел Димитров, кој тврдеше дека Меморандумот е одраз на „бугарската историска наука“.
„Не гледаме како Европа може да ги разбере тезите на одредени институционални влијателни бугарски научници, кои не го говорат јазикот ниту на современата историографија ниту на современите хуманитарни и социјални науки. Паралелно, бугарскиот Меморандум не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена Европската Унија и на она за кое се залага таа“,
пишуваат бугарските интелектуалци.
Научниците велат дека не се согласуваат со тоа Република Северна Македонија да се претставува како страна која не се „соочува со сопственото минато“.
Во соопштението, бугарските интелектуалци велат дека проблем е и тоа што во самата Бугарија доминира застарено, романтично и митолошко историографско размислување.
„Не сметаме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите нејзини специфики, се разликува од начинот на кој се формирани и другите нации, ниту пак сметаме дека тоа може да се сведе на формулацијата во Меморандумот за етнички и јазичен инженеринг. Се спротивставуваме на тоа што македонската нација се претставува како плод на југословенската пропаганда“,
велат бугарските интелектуалци.
Во соопштението тие наведуваат дека го прифаќаат терминот „заедничка историја“, но се противат на неговата интерпретација и обид да се наметне единствен наратив за историјата – оној на Бугарија.
„Сметаме дека обидите за претставување на заедничка историја до 1944 година, која единствено се толкува како бугарска, се неубедливи“,
велат бугарските интелектуалци.
Тие исто така пишуваат и за јазикот. Велат дека тврдењата за датум на раѓање на една нација и јазик се научно неиздржани и се во спротивност на историската наука, како и со општествените и хуманитарните науки воопшто.
Веста за бугарскиот меморандум, на кој се спротивставуваат научниците беше објавена во средината на септември односно во период кога се очекува да дојде и до усвојување на преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија и закажување на првата меѓувладина конференција со која и официјално би почнале преговорите.
*Поврзани вести:
Каракачанов: Ќе кажеме дека не е време за меѓувладина конференција со Северна Македонија
Захариева не мисли како Каракачанов: Бугарија нема да ја блокира Северна Македонија