Во текот на утрешниот ден се очекува испорака на 100 илјади вакцини „Фајзер“ преку механизмот Ковакс, а в недела стигнуваат две големи пратки од кинеските вакцини „Синовак“. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека дел од документите за употребата на „Синовак“ веќе стигнале во земјава, но од понеделник веројатно ќе се дистрибуираат низ државата и ќе може да се аплицираат кога ќе заврши постапката во Агенцијата за лекови.
„Кинеските вакцини стигнуваат со два авиона в недела. Во 14 и во 16 часот по 250 илјади слетуваат на аеродромот во Скопје. Направен е план за складирање на две места, во Поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина каде што има доволно капацитет да се сместат во ладните соби“,
рече Филипче.
Филипче додаде дека следува масовна вакцинација во сите вакцинални пунктови низ државата и повтори дека имунизацијата штити и од индискиот сој на вирусот.
„Во некои земји има случаи на заразени лица, а вакцинирани, со индискиот сој, но добро е што над 98% тие случаи не бараат хоспитализација, што значи клиничката слика е послаба“,
додаде Филипче
Филипче повтори дека следува приоритетна вакцинација на наставниците за сите ученици да може од септември да се вратат на настава со физичко присуство во училиште.