Многу од лицата живеат таму или се легитимни инвеститори, но истражувачките новинари меѓу сопствениците идентификувале и многу лица кои се обвинети или осудени за криминал, како и такви кои се под меѓународни санкции
Спектакуларни облакодери, луксузен начин на живот и сончеви плажи се белегот на Дубаи, финансискиот центар на Блискиот Исток. Но, овој гламур има и една помрачна репутација – претставува даночен рај и врвна дестинација за недозволени финансиски средства и перење пари, често преку купување недвижен имот.
Последното протекување информации од Обединетите Американски Емирати (ОАЕ) открива дека имот во Дубаи поседуваат и руски политичари кои сега се под санкции од Западот, криминалци и корумпирани европски функционери.
Податоците што протекоа во јавноста датираат од 2020 година, а до нив дошол Центарот за напредни одбранбени студии, кој е непрофитна организација со седиште во Вашингтон, која го истражува меѓународниот криминал. Истите биле споделени и со норвешкиот финансиски центар Е24, кој ја координирал истрагата.
Многу од лицата, пишува Е24, се жители или легитимни инвеститори, но истражувачките новинари меѓу сопствениците идентификувале и многу лица кои се обвинети или осудени за криминал, како и такви кои се под меѓународни санкции. Други, пак, се јавни функционери кои не го пријавиле својот имот.
На листата сопственици на имот има и бројка од 45 македонски државјани за кои се тврди дека имаат 55 имоти во Дубаи со проценета вредност од 14 милиони долари. Во објавените документи, сепак, ги нема имињата на нашите државјани.
На листата има вкупно 273 871 сопственик од целиот свет на 883 268 имоти.
Како што објави Е24, меѓу сопственици има повеќе од 100 припадници на руската политичка елита, јавни службеници или бизнисмени блиски до Кремљ, како и десетици Европејци вмешани во перење пари и корупција. Меѓу сопствениците на имоти се и неколку европски функционери и пратеници кои беа обвинети за лошо управување со јавните фондови.
Од имињата кои ги објавија, се споменуваат рускиот бизнисмен Руслан Баисаров близок до чеченскиот диктатор Рамзан Кадиров, како и Александар Бородај, санкциониран член на руската Дума. Тука се и рускиот пратеник Ромал Љабихоб и контроверзниот олигарх Дмитри Риболовлев.
Меѓу Европејците се и Даниел Канихан, наводен член на ирска криминална група вмешана во трговија со кокаин, како и чешкиот државјанин Тибор Бокор, извршен директор на берза за крипто-валути кој беше санкциониран од САД лани затоа што им овозможил на криминалци да пренесуваат незаконски приходи. Се споменува и Мирослав Вибох, словачки бегалец од обвиненија за корупција.