Започна првиот викенд откако Владата донесе одлука да го продолжи полицискиот час во саботите и неделите. Од денеска па секој нареден викенд додека не се донесе поинаква одлука, полицискиот час ќе започнува во 16 часот, а ќе завршува во 5 часот наутро.
Во останатите денови од седмицата останува да важи забраната за движење од 21 часот до 5 часот.
„360 степени“ денеска направи обиколка низ градот со претходно обезбедена дозвола за движење. Од она што се забележува е дека градот е тивок, улиците се празни, а вниманието го привлекуваат неколку автомобили, празни автобуси и звуци од работа на градежен објект во центарот на градот.
Непосредно пред 16 часот полициските возила ги алармираа граѓаните да се упатуваат кон своите домови.
Сите јавни установи и приватни компании што работат за време на викенд, треба да се прилагодат на новите ограничувања за движење и да го завршат работниот процес најдоцна до 15:00 часот.
Земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности поврзани со производство во пластеници се изземени од забраната за движење во викенди.
Производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени. Согласно заклучокот на Главниот координативен кризен штаб, работниците во време на забраната за движење ќе може да се упатуваат на своите работни места исклучиво со посебни дозволи за вршење сменска и ноќна работа.
Сите претходно донесени забрани и ограничувања остануваат во сила.
Владата ја донесе оваа одлука во насока за спречување на внесување и ширење на коронавирусот.