Според најновите податоци до 13 часот, во светот досега се регистрирани 350 452 луѓе заразени со коронавирус. Од нив починати се 15 315, а оздравеле 100 354 лица.
Во Италија, европското жариште на коронавирусот , бројот на заразени достигна речиси 60 илјади, а регистрирани се 5476 починати лица. Таму утринава пристигнаа 50-ина доктори од Куба кои ќе им помагаат на италијанските колеги да се справат со пандемијата, а се очекува да стигнат и девет руски авиони со 100 вирусолози и инфектолози, како и медицински средства.
Во Шпанија, пак, брзо расте бројот на починати – во изминатите 24, часа како резултат на инфекција со коронавирус, починале 462 лица, што е најголем број смртни случаи во еден ден откако почна да се шири вирусот во земјата. Вкупниот број на починати од ковид-19 сега е 2 182, а потврдени се повеќе од 33 000 случаи на зараза.
Во Кина и натаму има најголем број заболени – 81 093, при што 72 703 оздравеле, а 3 270 починале. Во континенталниот дел на Кина забележан е пад на бројот на новозаразени со коронавирус, а денеска се воведени нови мерки за заштита од заболените кои доаѓаат од странство. Се предвидува сите патници што ќе дојдат од странство да бидат тестирани за коронавирус.
Од земјите во регионот, најмногу (пет) лица починаа во Албанија, по неа следува Романија со четири жртви и Бугарија и Словенија со по три. Во Србија починаа две, а во БиХ и Црна Гора по едно лице.