На 26 јули, судечкиот совет од Основниот кривичен суд во Скопје, на чело со судијата Илија Трпков, ќе ја објави пресудата за организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието, за што обвинети се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Сите се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност.
Објавувањето на пресудата ќе следува откако на последните четири судски рочишта за овој предмет, обвинителката Вилма Русковска, обвинетите и нивните адвокати го дадоа завршните зборови.
Русковска побара осудителни пресуди бидејќи, како што рече, Обвинителството успеало да докаже дека изготвиле план да го загрозат уставниот поредок и со акти на насилство да оневозможат примопредавање на власта.
Од друга страна, пак, одбраната тврди дека станува збор за случај во кој нема докази дека поранешните функционери биле дел од организаторите на упадот во парламентот и побараа ослободителни пресуди.
Последен кој денеска ги даде завршните зборови беше ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, кој се покажи дека МВР не му дозволило да споделува информации и да изведува докази бидејќи она со што може да ја докаже својата невиност е класифицирано како државна или службена тајна.
„Ме обвинуваат од позиција на директор на УБК за тоа што сум го работел, како сум го работел, од позиција на носител на сертификат државна тајна и информации кои биле споделувани на ниво строго доверливо и државна тајна, а од друга страна правосудните органи не ми дозволуваат да се бранам со исто оружје. Ако би се бранел во овој случај за тоа што ме теретите, јас морам да споделувал класифицирани информации и да поднесувам класифицирани докази“,
рече Атанасовски.
И неговиот адвокат, Антонио Апостолски го потенцираше истото, а се осврна и на тоа дека со други сведоци бил побиен исказот на еден од клучните сведоци на Обвинителството – Александар Василевски – Нинџа. Адвокатот потсети и дека неговиот клиент на состаноците во МВР алармирал дека е можно да дојде со насилство на протестите.
„Од писмото од состанокот од 4 март 2017 може да се види од дека Владимир Атанасовски пред целото раководство, меѓу кои и тогашниот министер за внатрешни Агим Нухиу, информирал за можните критични датуми кога може да настапи насилство. Меѓу другото како еден од критичните денови е наведен и евентуалниот избор на претседател на Собранието. Тој чесно и совесно си ја завршил својата работа“,
рече Апостолски.
Во истрагата за овој предмет на списокот со обвинети се најдоа и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач од УБК, Никола Бошковски, но за нив обвинение ќе се подигне кога тие ќе бидат достапни за органите на прогонот.
*Што кажаа обвинителката и другите обвинети во нивните завршни зборови:
- Русковска со измени во обвинението за „27 април“ и паралела со упадот во американскиот Конгрес: Во САД и Мајк Пенс застана против Трамп во одбрана за Уставот
- Вељаноски: Обвинението за „27 април“ е поднесено брзоплето за да се покаже дека се најдени организаторите
- Исказите на Нинџа за 27 април се контрадикторни, смета одбраната на Спиро Ристовски
- Спиро Ристовски: Немав комуникација со Груевски на критичниот 27 април
- Јанакиески: Јас сум единствениот од 45-та наваму за кој во исто време се водат 8 кривични постапки