„Успеавме да ги задржиме нашите работници на своите работни места и да ја одржиме ликвидноста на компаниите“, вели потпретседателот на СДСМ
„Битиќи требаше да каже како успеа долгот да порасне до неверојатни 60% од БДП, или над 7 милијарди евра, а притоа во Македонија да нема никаква реализација на капитални инвестиции“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ
Овие 100 дена се веројатно едни со најголеми предизвици и вистината е дека и следните 100 дена, а и тие по нив, ќе треба и ќе се справуваме со истите. Важно е да се каже и сите да запаметиме, успешно се справуваме, порача потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

„Успеавме да останеме солидарни и никој да не биде изоставен како и да ја задржиме стабилноста на нашата економија без да ги нарушиме нашите социјал-демократски вредности. Успеавме да ги задржиме нашите работници на своите работни места како и да ја одржиме ликвидноста на компаниите, односно економијата што се потврдува со остварените приходи на крај на февруари кога беа за 14% повисоки од истиот период лани, а на крај на март беа 16,86% повисоки од минатата година. Овој тренд се задржува и во април месец. Во 100 дена на оваа Влада ги започнавме со реализација на едно од нашите ветувања кон граѓаните, а тоа е покачувањето на минималната и просечната плата“,
порача Битиќи на прес-конференција во партиското седиште.
Тој рече дека платите во јавниот сектор ќе го следат покачувањето на минималната плата, но дека тоа ќе значи и отворање на дијалогот и системски реформи за оптимизација на јавниот сектор.
„Токму поради тоа ги започнавме преговорите за потпишување на нов Општ колективен договор со кој ќе го утврдиме усогласувањето на платите во јавниот сектор со минималната плата но истовремено ќе го отвориме прашањето и конечно и дефинитивно ќе воведеме реформи за рационализација и продуктивнос на јавниот сектор, затоа што секој кој што работи заслужува достојно да биде платен, но и секој граѓанин заслужува да добие услуга која ќе е навремена, квалитетна и професионална“,
порача Битиќи.
Зголемувањето на стандардот на живот на нашите граѓани е наш приоритет број еден, додаде Битиќи и се осврна и на растот на пензиите и на антикризните мерки за справувања со последиците од економската и енергетската криза.
„Ги намаливме ДДВ-то и акцизите за да ја задржиме цената на нафтата и нафтените деривати. Данокот на додадена вредност од пет отто го сведовме на нула отсто и ги ограничивме малопродажните и големопродажните маржи на основните прехранбени производи, со што успеавме да спречиме огромен раст на цените на основните производи“,
рече потпретседателот на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ: Битиќи зад себе има 100 дена економска катастрофа
По прес-конференцијата на Битиќи со реакција се јавија од ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи ја власта за катастрофални економски политики.
„Битиќи денешната прес-конференција требаше да ја искористи за да им се извини на граѓаните за вртоглавиот пад на стандардот кој што се случува. Инфлацијата за месец март изнесува 8,8%, а цените на основните трошоци за живот пораснаа од 30 до 100%. Затоа над 35% од граѓаните се во ризик од сиромаштија. Бензините за кратко време се зголемени за повеќе од 80%, килограм шеќер е има повисока цена за 36%, килограм брашно 83% повисока цена, литар масло за јадење 107% повисока цена, литар млеко е 47% повисока цена, струјата поскапе за повеќе од 30 проценти. Во исто време кога трудот на македонските земјоделци не се вреднуваше, Владата ја остави државата без основните резерви, па почна да проси масло, брашно, ѓубриво по регионот. И сето тоа го правеше, а граѓаните ги уверуваше дека знаеле за кризата уште од минатата есен“,
се вели во партиското соопштение.
Битиќи требаше да каже како успеа долгот да порасне до неверојатни 60% од БДП, или над 7 милијарди евра, а притоа во Македонија да нема никаква реализација на капитални инвестиции, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сега најавуваат нов заем од 900 милиони евра, со кои долгот ќе достигне 8 милијарди, долг кој треба да го враќаат идните генерации. Парите завршуваат на криминални физибилити студии, набавки на мебел, службени возила, цвеќиња, фстаци и жардињери, додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Македонија е на дното во регионот по раст на БДП за минатата година, Македонија е на дното во регионот по странски директни инвестиции. За каков успех говори Битиќи кога само во една година беа затворени 7000 компании, а бројот на вработени во индустријата е во континуиран пад. Ова се поразителните економски факти од работата на Битиќи и оваа власт на СДСМ и ДУИ“,
се вели во партиското соопштение.
