Од невладината потсетуваат дека Пешевска во април годинава, како претседателка на Комисијата, организирала надзорна расправа за заштита на жените од насилство, а во август, заедно со други пратенички, поднела и предлог-законски измени за унапредување на нивната заштита

По министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на т.н. „ѕид на срамот“, инициран од невладината Мрежа за заштита од дискриминацијата, се најде и Жаклина Пешевска како претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
Од Мрежата за заштита од дискриминацијата упатуваат јавни прашања до Пешевска за конкретни постапки за унапредување, а не уназадување на правата на жените.
Од Мрежата посочуваат дека од почетокот на годината се регистрирани седум фемициди, а институционалните процеси стојат во место. Потсетуваат дека Пешевска во април годинава, како претседателка на Комисијата, организирала надзорна расправа за заштита на жените од насилство, а во август, заедно со други пратенички, поднела и предлог-законски измени за унапредување на нивната заштита.
„Каде се заклучоците од надзорната расправа? Зошто законските измени што самите ги поднесовте сè уште не се ставени на дневен ред?“,
прашуваат од Мрежата за заштита од дискриминација нагласувајќи дека поминале седум месеци без заклучоци од расправата и три месеци без усвојување на предложените измени.
Оценувајќи дека родовата нееднаквост е во коренот на насилството врз жените, од таму бараат одговор и каква одговорност презема претседателката на Комисијата за, како што велат, уназадувањето на родовата еднаквост и отстранувањето на одредбите за заштита од дискриминација и насилство од образовните закони.
„Пратеничке Пешевска, чии интереси штитите – на жените или на екстремистичките религиозни групи и антиродовите движења кои сакаат да ги вратат жените во среден век“,
прашуваат од невладината организација.
Од Мрежата за заштита од дискриминацијата порачуваат дека од Пешевска очекуваат конкретни постапки за унапредување на правата на жените, наместо нивно уназадување, и бараат одговорност и резултати.
Инаку, инспирирани од „ѕидот на срамот“ на кој се повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Мрежата за заштита од дискриминацијата започна слична иницијатива, во која ги прозива носителите на јавни функции од чие постапување зависи превенцијата на насилството и заштитата на жените.
Прв на листата беше претседатлот на Собранието, Африм Гаши, од кого се бара одговорност бидејќи на дневен ред во парламентот сè уште не се ставаат предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени уште во август годинава.
Втор на листата беше министерот Панче Тошковски на кого од невладината му забележуваат и побараа одговори зошто и по седум фемициди оваа година во Македонија, ниту една од предвидените измени на осум закони кои се однесуваат на спречувањето и заштитата од насилство врз жените и семејно насилство не е донесена.
На почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“, претставници на три невладини организации – Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација повикаа итно усвојување на предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
Според нивните предупредувања, дел од пратениците, под влијание на антиродовите движења, го блокираат процесот со цел постојниот предлог да се повлече и да се отвори нов во кој ќе бидат изоставени термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“, по примерот на последните законски измени во образованието
