„Мицкоски, познат по тоа што ‘го болат колената’ во економска класа и секогаш избира бизнис-класа, овој пат решил да оди чекор подалеку – со приватен чартер. Откако медиумите обелоденија дека Владата изнајмила авион, три дена јавноста чека одговор на прашањето: колку чинеше ова патување?“, велат од опозицијата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска ја прозва Владата и побара да одговори колку чинело патувањето на премиерот Христијан Мицкоски и владината делегација во Будимпешта со приватен чартер лет.

Од партијата прашањето до „Илинденска“ број 2 го адресираа формулирајќи го во контекст на нивното и барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за зголемување на минималната плата на 500 евра со тоа што разликата во придонесите била субвенционирана од Владата, за што вчера премиерот рече дека нема пари.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдат дека платите се доволно високи и не треба да се зголемуваат, немаат никаков проблем да патуваат низ Европа со приватни чартер-летови на партиски посети“,
велат од СДСМ.
Оттаму велат дека од Владата трет ден молчат и не откриваат колку чинел летот со приватна авиокомпанија, со кој, како што велат од СДСМ, педесетина претставници на Владата и медиуми отпатуваа во Будимпешта за унгарско-македонскиот владин самит.
„Мицкоски, познат по тоа што ‘го болат колената’ во економска класа и секогаш избира бизнис-класа, овој пат решил да оди чекор подалеку – со приватен чартер. Откако медиумите обелоденија дека Владата изнајмила авион, три дена јавноста чека одговор на прашањето: колку чинеше ова патување? Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, плаќаат високи сметки и се борат да купат основни продукти, Мицкоски патува со приватни авиони и порачува дека во буџетот нема пари за повисоки плати. Оваа ароганција и расипништво не е запаметена кај ниту една претходна Влада. Мицкоски има пари за сè – освен за граѓаните. И тоа е сè што треба да се знае за неговото владеење и политиките на ВМРО-ДПМНЕ“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
Прашањето од СДСМ следува откако дел од медиумите деновиве објавија дека премиерот Мицкоски и дел од министрите во Владата на заедничката седница со владата на Виктор Орбан во Будимпешта заминале со авион на турската комапнија „Фрибрд ерлајнс“. Оваа компанија, како што се наведува, ги реализира чартер-летовите на странските туристи кои ја посетуваат земјава, а кои ги организира германската компанија РСД.
На прашања од порталот „Сакам да кажам“ за тоа како бил организиран летот, дали бил изнајмен авион за владината делегација, колку членови броела таа и колку чинел чартерот, од Владата одговориле дека делегацијата во Будимпешта заминала со лет кој го организирала Владата преку Генералниот секретаријат и оти, без да ја наведат сумата, платени биле авионски карти преку ангажирана туристичка агенција за тоа.
Инаку, во јавноста пред нешто повеќе од половина година во фокусот беше патувањето на премиерот Мицкоски со бизнис-класа на Самитот на НАТО во Вашингтон. Опозициската СДСМ тогаш тврдеше дека патувањето за него и за министрите чинелно 20 000 евра, а премиерот, од друга страна, во телевизиско гостување изјави дека одлучил да патува со бизнис-класа поради здравствените проблеми со колената.
„Кога патував од Виена до Вашингтон и од Њујорк до Виена, патував со бизнис-класа бидејќи имам проблем со колената и потоа не можам еден ден да бидам функционален бидејќи сум повисок, и затоа одбрав така. Но, од Скопје до Виена и од Виена до Скопје бев во економска класа накај излезот за итни случаи. Обично седам на излезот за итни случаи поради тоа што има повеќе простор за нозете, некаде помеѓу 11-тиот и 12-тиот ред“,
изјави премиерот во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма, емитувано на 22 јули 2024 година.