Од партијата бараат одговори на неколку прашања, меѓу кои и дали е вистина дека агенцијата уценува компании да ја ангажираат, повикувајќи се на нивната блиска поврзаност со високи партиски авторитети
Зошто Владата ги крие релациите со агенцијата „Рубикон“, која го обезбедувала т.н. кабаре во Кочани вечерта кога се случи трагедијата, прашуваат денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Оттаму бараат целосна транспарентност за активностите на оваа агенција, која како што велат, била одговорна за безбедноста на т.н. кабаре во трагичната ноќ во Кочани.

„Затоа Владата има обврска да одговори кои се другите клиенти на ‘Рубикон‘. Дали имале регуларни безбедносни договори и лиценцирани обезбедувачи? Дали МВР некогаш извршило инспекција и контрола во оваа агенција? Дали оваа компанија се штити поради нејзините врски со власта? Дали е вистина дека агенцијата уценува компании да ја ангажираат, повикувајќи се на нивната блиска поврзаност со високи партиски авторитети?“,
се вели во партиското соопштение.
Наместо да ја користи правадата за да напаѓа политички противници, според ДУИ, владата треба да преземе одговорност за своите неуспеси и за оние кои навистина се одговорни за оваа трагедија.
ДУИ бара непристрасна и целосна истрага за овој случај.
За пожарот во Кочани тамошното Основно јавно обвинителство отвори истрага против 27 физички и три правни лица.
Во рамките на истрагата осомничени се од управители, закупци, сопственици на клубот, до поранешен министер, функционери и вработени во Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат, тројца градоначалници на Кочани (еден актуелен во оставка и двајца поранешни), како и член на бендот ДНК и вработени во Агенцијата за обезбедување што била ангажирана во локалот.
Во трагичниот пожарот, кој се случи на 16 март во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, загинаа 59 лица, а речиси 200 се повредени.