Џо Бајден и Доналд Трамп не се на гласачките ливчиња, но овие избори ќе им дадат можност на избирачите да испратат порака до двајцата дали тие треба да бидат кандидати на изборите во 2024 година или не. Но, изборите се важни и поради правото на абортус, дали фокус ќе биде имиграцијата или животната средина, верските права или здравство, насилниот криминал или контролата на оружје
Американците утре ќе излезат на гласачките места за да изберат нови претставници за Конгресот, но и гувернери и претставници на локалната власт. Овие избори ќе имаат огромно влијание врз насоката во која ќе се движи американската нација, како и врз американскиот претседател и партијата која е на власт во Белата куќа. Во случајот Џо Бајден и демократите.
Станува збор за т.н. среднорочни избори кои во САД се одржуваат на секои четири години на средината на секој претседателски мандат и оваа година вклучуваат избори за сите 435 места во Претставничкиот дом, 35 од 100 места во Сенатот и 36 од 50 државни гувернери, како и бројни други локални функции и предлози за гласање.
Во анализите што ги објавуваат светските медиуми, се наведуваат неколку важни причини зошто утрешните избори се од исклучително значење.
Правото на абортус
Кој ќе го контролира Конгресот може директно да влијае на секојдневниот живот во Американците ширум САД. Добар пример е правото на абортус. Во јуни годинава Врховниот суд на САД го укина уставното право за абортус, а и демократите и републиканците веќе предложија нови закони кои ќе ги донесат доколку ја имаат контролата на Конгресот во свои раце по утрешните избори.
Демократите ветуваат дека ќе го поддржат правото на жените да одлучат сами, додека републиканците предложија национална забрана за абортус по 15. недела од бременоста.
Кој ќе го контролира Конгресот ќе определи и кои ќе бидат други приоритетни политики покрај абортусот. Во случај тоа да се републиканците, очекувањата се фокусот да биде имиграцијата, верските права и справувањето со насилниот криминал. Демократите, пак, приоритетот ќе го стават на животната средина, здравството, правото на глас и контролата на оружјето.
Упадот на поддржувачите на Трамп во Конгресот или врските на синот на Бајден со Кина
Моќта во Конгресот ќе им на даде на една од партиите да ја контролираат и работата на комисиите за истраги. Ако таа остане во рацете на демократите се очекува до крајот на годината да се објави извештај за упадот на поддржувачите на Трамп во Конгресот во 2021 година по губењето на изборите. Тие досега сослушаа стотина луѓе во обид да откријат дали Белата куќа под раководство на Трамп знаела што ќе се случи и како реагирала.
Меѓутоа, тоа може да се промени ако контролата ја имаат републиканците бидејќи тие најавуваат дека ќе ја укинат комисијата за испитување на настаните од 6 јануари 2021 година и ќе започнат сослушувања за деловните врски на Хантер, синот на Џо Бајден, со Кина.
Реизбор на Бајден или Трамп
Џо Бајден и Доналд Трамп не се на гласачките ливчиња, но овие избори ќе им дадат можност на избирачите да испратат порака до двајцата дали тие треба да бидат кандидати на изборите во 2024 година или не.
Лошата изборна ноќ за демократите утре несомнено би се протолкувала како лош знак за поддршката за Бајден и би можела да ги „воскресне“ повиците тој да се повлече од намерата да бара втор мандат на претседателските избори во 2024 година.
Сличен е случајот и со Трамп кој за разлика од сите поразени претседатели досега, не ја напушти политиката тивко. Тој јасно покажа интерес дека сака да се врати во Белата куќа во 2024 година, а изборите би можеле да му бидат ветар во грб или да ги срушат неговите надежи. Тој успеа за овие избори како кандидати да наметне свои приврзаници, како што се поранешниот фудбалер Харшел Вокер кој се трка за место во Сенатот како претставник на Џорџија, телевизискиот доктор Мехмед Оз како кандидат во Пенсилванија и популистичкиот автор Џеј Ди Венс во Охајо. Ако тие победат, тоа би се толкувало дека политичките инстинкти на Трамп се остри и неговата конзервативна политика е привлечна за нацијата. Но, ако не успеат, тогаш вината за поразот би можела да падне на Трамп.