Краткиот одговор е – не може и да сака. Основен предуслов е земјава да има билатерален договор со Украина и тоа не каков било. Од Владата велат дека се работи на прашањето и дека кога ќе се потпише договорот, земјава ќе стане дел од Пактот
Покрај Северна Македонија, параф на Пактот за Украина не ставија и Албанија, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Црна Гора, Романија, Словачка и Турција
Самитот на НАТО во Вашингтон заврши синоќа со јасна декларација. Претседателот на САД, Џо Бајден, во присуство на украинскиот претседател Володимир Зеленски, го претстави Пактот за Украина (Ukraine Compact). Во суштина, договор за координирана поддршка на Украина и за време на актуелната војна со Русија и по неа.

На бината зад Бајден и Зеленски беа речиси сите лидери на земјите членки на НАТО, вклучувајќи го и премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски (прв од лево, во горниот ред на сликата погоре).

Уште од говорот на Бајден стана јасно дека Пактот има помалку потписници отколку што имаше државници на прес-конференцијата. Билансот беше – Пактот е потпишан од 22 земји членки на НАТО, плус Европската Унија и Јапонија, а на бината имаше 30 функциониери. Со други зборови, некои држави одлучија јавно да застанат зад Пактот, иако не го потпишаа.
Северна Македонија и девет други не потпишаа (засега)
Потписниците се обврзаа дека ќе ги кренат односите меѓу нив на повисоко ниво, со цел да придонесат за забрзување на колективните обиди да се излезе во пресрет на безбедносните потреби на Украина. Тоа вклучува материјална и помош во опрема, како и поддршка и забрзан развој на воените сили на Украина. Пактот создава и механизам за одговор во случај Русија повторно да ја нападне Украина, ако некогаш заврши сегашната војна. Тоа, пак, вклучува санкции и брза и трајна помош.

„Му благодарам на претседателот Бајден за неговото лидерство и напори за да се осигура дека нашата безбедносна соработка е исполнета со одлучна акција“,
изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски на настанот.
Сето ова беше кажано доцна синоќа по македонско време, па дури денеска на виделина излезе фактот дека земјава не е меѓу 22-те земји членки потписнички на документот. Напротив, Северна Македонија е меѓу 10 членки на НАТО кои не го потпишале документот, заедно со Албанија, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Црна Гора, Романија, Словачка и Турција.
Листата веднаш го отвори прашањето – зошто не и Северна Македонија?
Дел од одговорот може да се препознае во обраќањето на Џо Бајден. Тој имаше краток историски осврт за тоа како е почната иницијативата – во 2023 г. прво земјите од Г7 усвојуваат заедничката декларација дека ќе ја штитат Украина долгорочно, на што се приклучуваат дваесет и пет други држави кои се обврзуваат да преговараат и да потпишат билатерален договор со Украина.

Синоќа 22-те земји членки на НАТО кои го потпишаа Пактот за Украина се оние кои веќе имаат билатерални договори со Украина.
„Овој пакт ги зближува сите тие држави во една обединета, координирана и сеопфатна архитектура за поддршка на Украина, не само сега туку и за годините што ќе дојдат во иднината“,
изјави претседателот на САД, Џо Бајден.
Се работи на билатерален договор
Прашања упативме и до Владата, од каде за „360 степени“ го објаснија прво она што го говореше и Бајден, дека Пактот го потпишале оние кои имаат билатерални договори. Но, потенцираа, Северна Македонија е дел од групата држави кои тргнале на ист пат со потписниците уште лани.

„Земјите од Г7 усвоија заедничка декларација со Украина, за безбедносна поддршка, на маргини на НАТО-самитот во Вилнус во 2023 година. Владината делегација која учествуваше на НАТО самитот во Вилнус ја поддржа декларацијата, а подоцна нашата држава се приклучи на истата. Декларацијата предвидува склучување на билатерални договори за безбедносна поддршка на Украина“,
одговорија од Владата за „360 степени“.
А за преговорите за билатерален договор со Украина, објаснија дека на тоа се работи. И дека откако ќе се потпише, земјава ќе стане дел од Пактот за Украина.
„Ние, како и број на други држави, сме во финална фаза на интеринституционално усогласување на текстот на нашиот билатерален договор, кој очекуваме за скоро време да биде усогласен со Украина и потпишан. Со тоа и ние ќе станеме дел од Пактот за Украина. Во целиот период сме во блиска комуникација и координација со нашите стратешки партнери, НАТО сојузниците и со Украина. Нашата поддршка за Украина е недвосмислена и ќе продолжи и во иднина“,
одговорија од Владата за „360 степени“.
Дека и други држави се во фаза на склучување вакви билатерални договори потврди и самиот Зеленски, иако не ги именуваше државите.
„Има 23 договори во моментов и ќе има договори и со други земји“,
кажа Зеленски во Вашингтон.