Ценам дека во пикот на најголемиот скандал можеби во последно време, којшто завршува со две невини жртви, некој се обидува да направи дефокус од суштинската тема и да се занимава со некое периферно прашање кое нема никаква врска со ова коешто беше тема тој ден, но и деновите претходно и потоа – вели Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не одговорил на прашањата за тоа колку средби имал со Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиствата на Вања и Панче, затоа што сметал дека јавноста се дефокусира со неважни прашања. Се сретнал еднаш со него, рече Мицкоски во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, но додаде дека Палчо му бил непријател кој му се заканувал нему и на неговиот постар син.

„Ценам дека во пикот на најголемиот скандал можеби во последно време, којшто завршува со две невини жртви, некој се обидува да направи дефокус од суштинската тема и да се занимава со некое периферно прашање кое нема никаква врска со ова коешто беше тема тој ден, но и деновите претходно и потоа. А суштината е зошто институциите дозволија да се случи тоа двојно грозоморно убиство, зошто се загубија два човечки животи? ВМРО-ДПМНЕ континуирано поставува прашања од партиската говорница, но и вака во јавниот простор, но не добиваме одговори. Добиваме политикантство, одговорите се генерално политички и не обвинуваат дека ние печалиме политички поени на ова што се случи“,
изјави Мицкоски.
На тезата на политичките опоненти дека токму со активностите од партиската говорница, Христијан Мицкоски и неговите сопартијци прават дефокус од прашањето за средбите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со Палевски, Мицкоски се повикува на јавните настапи на првоосомничениот и вели дека тој добивал и закани од него.
„Одговорот на тоа прашање може да се најде, за жал, на сега избришаните поткасти. На медиумските настапи на Љупчо Палевски-Палчо и на неговите обраќања преку социјалните мрежи изминативе шест години, откако сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И тука можат да заклучат граѓаните дали јас сум бил близок со тоа лице или тоа лице било мој жесток противник. Често пати навредуван од него, често пати сум добивал закани јас и моето семејство и ако ги гледате неговите ставови поврзани со мене, моето семејство и политиките на ВМРО-ДПМНЕ, ќе дојдете до заклучок дека тој не само што не е близок ниту со мене ниту со ВМРО-ДПМНЕ, туку ние сме на тотално дијаметрално различни страни“,
одговара лидерот на најголемата опозициска партија.
На прашањето дали ставовите на Палевски за Преспанскиот договор, критиките за францускиот предлог и манифестацијата на „патриотизам“ под превезот на знамето од Вергина, не го прават поблизок до ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели дека токму тие ставови покажувале оти тој е партиско-полициска инсталација и дека не верувал во она што го говорел и ги злоупотребувал темите за да нанесе политичка штета на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели имал средба со првоосомничениот пред четири-пет години кога тој му барал поддршка за да регистрира политичка партија и дека немале никаква друга соработка.

„Не, не, не. Средба сум имал можеби пред четири-пет години и нормално е да имам таква средба со секој еден којшто во јавноста испраќа политички пораки. Во случајов не беа политички пораки туку навреди кон мене, моето семејство, конкретно кон мојот постар син… На таа средба и на средба со многу други личности коишто испраќале политички пораки, моето прашање било зошто и кои се аргументите. Не слушнав аргументи, туку напротив пристигна барање ВМРО-ДПМНЕ да помогне во собирање граѓански потписи за лицето да може да регистрира политичка партија“,
вели Мицкоски во интервјуто, потенцирајќи дека не му помогнал.
Во интервју за ТВ Шења, на 6 декември, три дена по пронаоѓањето на телата на Вања и на Панче, Мицкоски рече:
„Како политичка партија, а и јас лично бевме надвор од сето ова намерно за да не се создава впечаток, како тие што создаваа со децата од Смилковско и малата Тамара. Затоа не се мешавме и воопшто да не влијаеме на процесот за да не бидеме лошо сфатени. Но, за месеци од денеска сето ова ќе биде изнесено на лице пред јавноста и ќе знаат луѓето што направиле овие луѓе. Тие информации што јас ги знам се озбилни“.
Па во интервјуто за „360 степени“ беше прашан – зошто информациите што ги има не отишол да ги каже во Јавното обвинителство и што беа прес-конференциите на пратеникот Драган Ковачки ако не создавање впечаток „како што тие правеа“ со случајот кај Смилковско Езеро и со Тамара?
„Суштината на кажаното е дека кога ќе има нормални околности односно различни од овие партизирани и во Обвинителството и во судството, ќе можеме да дојдеме до одговорност и во институциите, но и во јавноста. На пресовите на Драган Ковачки, многу од тие информации ние ги кажавме. Во јавноста, за жал, до ден денес не добивме одговор, всушност, на јавна сцена добиваме пораки и од меѓународни влијателни претставници кои отворено кажуваат дека институциите во случајов затаиле. Вие во институциите до овој момент немате ниту еден којшто понесе одговорност. Дали тоа биле луѓето од СВР Велес, дали тоа биле луѓето од СВР во Скопје, дали тоа биле луѓето од Министерството, од Бирото за јавна безбедност, вие немате одговорност во институциите, небаре перфектна е таму состојбата“,
одговара Мицкоски во интервјуто на МРТ 1.