По изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“, Сашо Мијалков, кој доби единствена затворска казна од 12 години затвор, доби и две решенија: едното за укинување на куќниот притвор, и едно за притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Судијката Џенета Бегтовиќ соопштувајќи ја одлуката, повикувајќи се на Законот за кривична постапка (ЗКП) соопшти дека притворот на Мијалков може да трае најмногу 60 дена со оглед дека во неговиот случај станува збор за обвинителен предлог.
Обвинителката Ленче Ристоска во изјава за медиумите го објаснуваше рокот од 60 дена потенцирајќи ја истата околност – станува збор за обвинителен предлог.

„Согласно кривичните дела кои му се ставаат на товар и тоа што можеше да биде исполнето како битие на кривичните дела, согласно законот се води скратена постапка односно по обвинителен предлог каде роковите за притвор се навистина кратки и заради тоа по објавата на пресудата максималната должина на притворот е до 60 дена“,
рече Ристоска.
Во иста насока беше објаснувањето и на еден од адвокатите на Мијалков, Љупчо Шврговски.

„Се работи за бенефицирани кривични дела како правни квалификации, за обвинителни предлози каде се води скратена постапка, каде одбраната воопшто не е ни должна да даде воведен говор. Таа одредба, поради бенефицијата на правните квалификации законодавецот определил дека во случај кога се определува мерка по тие основи за кривични дека каде е предвиден обвинителен предлог казната може да трае до правосилноста на пресудата, но најдолго 60 дена“,
рече Шврговски кој во објаснувањето рече дека тоа би значело дека максимум до 26 април Мијалков може да остане во притвор.
Меѓутоа, иако малку веројатна, тука е опцијата Апелацискиот суд во Скопје во тој рок од 60 дена да се произнесе за жалбите и ако ја потврди затворската казна за Мијалков, тој може да не излегува од притвор туку да продолжи со нејзино извршување. Од друга, страна, на ексшефот на УБК му се суди и во „Титаник 2“, „Тортура“ и „Трезор“, а осомничен е во предметите „Империја“ и „Плацовите на Водно“, па доколку опстојува опасноста од бегство би можел притвор да се побара и во некој од другите предмети.
Што вели законот?
Судијката Бегтовиќ соопштувајќи ја одлуката за притвор се повика на членот 481 став 4 од ЗКП. Токму во тој член е определено дека мерката притвор може да трае најмногу 60 дена по изрекување на пресудата.

Ограничувањето, како што посочи и судијката, но и адвокатот и обвинителката, е затоа што во случајот со Мијалков станува збор за скратена постапка во „Таргет-Тврдина“ односно за обвинителен предлог.
Кога се води скратена постапка, пак е определено со членот 468 од ЗКП во кој пишува дека таа се однесува на дела до 5 години затворска казна.

Овој член го опфаќа ексшефот на УБК со оглед дека во „Таргет-Тврдина“ на товар му се ставаат делата:
- Злосторничко здружување од член 394 став 1 од Кривичен законик (КЗ) – максимум 5 години затвор
- Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2 в.в. став 1 в.в. член 45 од КЗ – максимум 5 години затвор
- Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 2 в.в. став 1 од КЗ – максимум 3 години затвор.

Без разлика што Мијалков доби 12 години затвор од првостепениот суд, тие се собрани како единствена казна за три кривични дела за кои поединечните максимални казни се до 5 години. Токму поради ваквите случаи, порача обвинителката Ленче Ристоска треба да се отвори дебата дали можеби е потребна промена во законот.
„Сметам дека овој случај треба да поттикне дебата во правната јавност, во ситуација кога имаме во скратена постапка за повеќе кривични дела, да се размисли дали можеби кумулацијата на казните треба да се третира како основ за определување на подолготраен притвор бидејќи еве се покажа дека кај нас и во скратена постапка предмет може да бидат многу сериозни кривични дела“,
рече Ристоска.