Од ЗНМ бараат Општина Брвеница, која посочената депонија ја дала под концесија на приватен сопственик, да излезе со реакција, а од МВР бараат да се преземат конкретни мерки против лицето, со цел во иднина да не се случува попречување на правото на работа на новинарите и правото на информирање на граѓаните
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува спречувањето на новинарските екипи да снимаат инсерти и да известуваат во врска со пожарот кој веќе втор ден гори во Општина Брвеница, се наведува во денешното соопштение од ЗНМ.
Реакцијата на ЗНМ доаѓа откако овие два дена до Здружението стигнале реакции од повеќе новинари и медиумски работници кои на оваа локација биле спречини да ја извршуваат својата професионална работа на јавен простор.
Првата реакција стигнала вчера напладне од новинарската екипа на телевизијата Коха. Екипата пристигнала на местото каде што требало да снимат видеоинсерти и по неколку минути снимање, се појавило лице во цивилна облека кое агресивно се однесувало и со викање, навреди и закани им забранувал да снимаат. Се обидел и да ги избрка од локацијата, се наведува во соопштението од ЗНМ.
До ЗНМ, информираат оттаму, и денеска пристигнала реакција од повеќе новинари и медиумски работници кои во текот на овој ден биле спречени при вршењето професионална работа на јавен простор.
„Во текот на денешниот ден телевизиски екипи од повеќе медиуми и дописници од Полошкиот Регион се обиделе повторно да снимат инсерти од местото на настанот, но повторно истото лице со агресивен и остар тон им се обраќал на новинарите, па дури и физички се заканил кон нив и покрај присуството на полицијата“,
велат од ЗНМ.
Од Здружението на новинарите на Македонија бараат Општина Брвеница, која посочената депонија ја дала под концесија на приватен сопственик, да излезе со реакција, а од МВР бараат да се преземат конкретни мерки против лицето, со цел во иднина да не се случува попречување на правото на работа на новинарите и правото на информирање на граѓаните.
„Сакаме јасно да истакнеме дека односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од критична важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество. Насилството и спречувањето на новинарите да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо, не е во сообразност со демократските вредности и придонесува кон цензура“,
се додава во писмената реакција од ЗНМ.