Меѓу таргетираните медиуми се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), „360 степени“, БИРН Македонија, како и други организации кои работат на заштита на човековите права, посочуваат од ЗНМ и ССНМ
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) најостро ги осудуваат јавните објави на поранешниот уредник на една национална телевизија, Драган Павловиќ-Латас, кој во изминатите денови преку приватна страница на социјалната мрежа Фејсбук таргетира новинари од неколку медиуми, злоупотребувајќи приватни фотографии од нивните профили и користејќи ги во своите објави.

Меѓу таргетираните медиуми се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), „360 степени“, БИРН Македонија, како и други организации кои работат на заштита на човековите права, посочуваат од ЗНМ и ССНМ.
„Во неговите објави, Латас пласира неосновани обвинувања и теории на заговор, чија цел е дискредитација на новинарите и медиумите што професионално информираат за релевантни општествени прашања. Оваа стратегија на таргетирање и јавно стигматизирање на новинарите, кои добиле признанија на национално и меѓународно ниво за својата работа, во мандатите на различни влади, претставува сериозен напад врз слободата на изразување и независното новинарство во државата“, велат од ЗНМ и ССНМ.
Посебно загрижувачки, додаваат оттаму, е што ваквата реторика не само што поттикнува говор на омраза, туку и доведува до сериозни закани кон новинарите, при што новинарките стануваат посебна мета на сексистички и мизогини напади во коментарите под објавите на Латас.
„Ова се ороспии, нема работа од нив“, „овие не се човек да ги коментира, може човек да ги види и на паркинг плац кај камионџиите“, „Мислам дека за брзо ќе има уништување на документи или подметнати пожари во просторииве на платениве курветини..“, „и тие да изгорат со документите, најдобро ќе биде!“, се само дел од коментарите во објавите на Латас, нагласуваат од ЗНМ и ССНМ.
Освен ова, посочуваат од двете новинарски организации, дел од заканувачките коментари под објавите на профилот на Драган Павловиќ-Латас се од профили на социјалните мрежи на лица со криминално минато и контроверзни поединци, што ја зголемува загриженоста за безбедноста на новинарите што работат во овие медиуми.
„Ги потсетуваме корисниците на социјалните мрежи дека загрозувањето на безбедноста на новинарите е кривично дело, исто како и ширењето говор на омраза, за што македонските судови имаат судска пракса за изрекување строги санкции. Истовремено, ја повикуваме јавноста да препознае и осуди вакви обиди за дискредитација и загрозување на новинарите, а од надлежните институции, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, бараме итна реакција и преземање мерки за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите“, се наведува во заедничкото соопштение на ЗНМ и ССНМ.