Новинарите што денеска го следат одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ не можеа да влезат во црквата. Таму им беше дозволен влез само на снимателите и фоторепортерите. Новинарите, исто така, немаа право да се движат слободно во зоната за која се акредитирани, туку мораа да стојат надвор пред платото
Здружението на новинари (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на медиумски работници (ССНМ) реагираа денеска откако владини претставници утринава го попречуваа работењето на медиумските работници при одбележувањето на роденденот на револуционерот Гоце Делчев.
„Расправање и недоличен однос на административни службеници од владиниот протокол кон новинарски екипи, нелогични правила кои ограничуваат влез на новинари и физички ги дели новинарите од снимателите од местото на настанот, игнорантски однос на новинарски прашања, селективно издавање акредитации на медиумите се дел од пропустите и грешките кои институциите ги прават за време на денешното одбележување на официјалното чествување пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје“,
реагираа од ЗНМ.
Оттаму порачаа дека организаторите треба да ги коригираат грешките и да им излезат во пресрет на новинарите, имајќи предвид дека настанот сè уште трае.
„Санкција од Владата за постапките на службеничката е само првиот чекор што треба да води кон сериозна промена на односот кон новинарите и медиумските работници. Укажуваме дека административни службеници немаат овластувања да комуницираат со новинари на терен, па дури и дрско да им наредуваат каде тие треба да се позиционираат и како треба да си ја вршат новинарската работата. Бараме и објаснување од кабинетот на премиерот зошто новинарите во првиот дел на одбележувањето на овој настан имаа забрана за влез во објектот на „Св. Спас“. Предупредуваме дека вакви арбитратни одлуки, не само што креираат лоша пракса за организирање на идни настани од страна на Владата туку ја вознемируваат новинарската заедница и ги ограничуваат присутните новинари да имаат пристап до случувањата кои се од јавен интерес“,
стои во соопштението на ЗНМ.
И од ССНМ побараа да се овозможи слободно движење на новинарите на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
„Протоколот за следење на овој настан претставува елементарно непознавање на системот на работа и потребите на новинарските екипи и службите на Владата мора да имаат предвид дека новинарите и снимателите работат во тим и не смее да бидат одвоени бидејќи на тој начин им се оневозможува да работат согласно професионалните стандарди и систем на дејствување на новинарските екипи со цел известувањето да биде објективно и професионално. Одговорните за организација на настанот во црквата ‘Св. Спас’ во Скопје се уште имаат време да ги исправат погрешно утврдените протоколи за движење на медиумските екипи“,
се наведува во реакцијата на ССНМ.
Со првично предвидениот протокол, како што наведува ССНМ, Владата и нејзините служби ги попречуваат новинарите во извршување на нивната основна работа, а со тоа се попречува и слободата на информирање.
Новинарите кои денеска го следат одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ не можеа да влезат во црквата. Таму им беше дозволен влез само на снимателите и фоторепортерите. Новинарите, исто така, немаа право да се движат слободно во зоната за која се акредитирани, туку мораа да стојат надвор пред платото.
Една од засегнатите екипи беше и таа на ,,360 степени”.
По реакциите на дел од новинарските екипи, владини претставници дозволија медиумите да изберат дали нивните сниматели и фоторепортери ќе влезат во црквата или ќе останат на платото пред неа.
Сепак, останува правилото дека ако снимател или фоторепортер влезе во кругот на црквата, потоа не може да излезе на платото.