Една од четирите новинарски содржини од социјален карактер е изработена од Даниел Василев од „360 степени“ во соработка со Теодора Цветковска од „Пина“, а темата што ја обработуваат е за лицата со попречености
Дискриминација на жените Ромки, проблеми на лицата со попреченост и слични области од социјален карактер беа дел од темите на новинарските текстови и мултимедијални продукти што денеска беа презентирани од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во соработка со Гете-институтот од Скопје.

- Теодора Цветковска од „Пина“ и Даниел Василев од „360 степени“ во медиумскиот продукт се фокусираат на лицата со попреченост;
- Александра Максимовска, дописник од МИА и Сузана Андоновиќ од Радио „Бум“ се претставија со тема која се однесува на дискриминација на жените Ромки;
- Бобан Јовановиќ од Радио „Мост“ и Магдалена Стојановиќ од ТВ Сонце се претставија со со темата „Како до успешна ресоцијализација на поранешните затвореници“;
- Александра Ристевска од ТВ Алфа и Виолета Кожинкова од ТВ 24 изработија тема насловена „Селата во Источна Македонија без денар“.
Четирите новинарски содржини се изработени во соработка и менторство од страна на тричленото жири во состав Анета Додевска, Филјана Кока и Теофил Блажевски.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, на промоцијата истакна дека овие стории се доказ за едно вмрежување помеѓу новинарите и редакциите.

„Вмрежувањето навистина е битно за целата новинарска фела бидејќи заедничката акција дава подобри резултати отколку кога дејствуваме еден по еден. Темите на кои се работеше беа претежно од социјален карактер и беа опфатени прашања кои се однесуваа на перцепциите на општеството за личниот живот на луѓето, честопати ние како учесници на општеството. Знаеме дека постојат различни проблеми, но поради различни причини не успеавме да им го дадеме значењето што го заслужуваат. Тие понекогаш невидливи луѓе во нашето опкружување, на кои единствен кој може да им даде гласност се новинарите во отсуство на акција на институциите на државата, и кога нив ги нема, тука сме ние да им ја дадеме гласноста“,
изјави Чадиковски.
Чадиковски рече дека темите допираат повеќе слоеви во општеството и информира дека ваквите иницијативи ќе продолжат и во иднина.
Катрин Оствалд-Рихтер, раководител на Гете-институт Скопје, изрази задоволство од содржините и потенцира дека медиумите се тие што ги документираат социјалните проблеми во државата и дека поради тоа имаат круцијална улога во општеството.