„Оваа форма на јавни известувања е неприфатлива бидејќи создава атмосфера на заплашување и недоверба, што е спротивно на демократските вредности и јавниот интерес“, велат од Здружението на новинарите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на соопштението од в.д. директорката на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ д-р Каролина Симоновска со кое таа забранува да се споменува нејзиното име во медиумите. Од ЗНМ велат дека тоа претставува форма на јавeн притисок насочен кон медиумите и оти ваквите објави се директна цензура врз новинарите и ја поткопуваат слободата на изразување и независноста на медиумите.
„Оваа форма на јавни известувања е неприфатлива бидејќи создава атмосфера на заплашување и недоверба, што е спротивно на демократските вредности и јавниот интерес“,
се вели во реакцијата од ЗНМ објавена на нивната фејсбук-страница.
Од ЗНМ велат дека сите носители на јавни функции доколку имаат забелешки за објавени медиумски содржини, секогаш може да побараат исправка или демант, а на располагање им се и телата за саморегулација на медиумите, кои ја оценуваат етичноста и професионалноста на медиумските содржини.
Изјавата од Симоновска доаѓа откако изминатиот период лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања „Козле“ побара итно и неодложно разрешување на в.д. директорката, по случајот во кој ѝ дала отказ на докторката Веселинка Митровска-Јосифова, ОРЛ-специјалист и бронхоскопист.
Во писмото упатено до медиумите бараат надлежните институции, Министерството за здравство и премиерот да стават крај на самоволието на директорката Симоновска, со што, според нив, ќе заврши дискредитација што таа ја нанесува на болницата.
Во декември минатата година, триесет доктори од Клиниката за респираторни заболувања „Козле“ со писмо адресирано до премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Арбен Таравари и до националниот координатор за здравство бараа итно разрешување на директорката на болницата Каролина Симоновска, детално образложувајќи го нивното незадоволство од нејзината работа.
По ова барање од докторите, Симоновска имаше средба со министерот за здравство Таравари која ја оцени како „доста конструктивна“ и рече дека се надева оти ќе остане директорка на Клиниката. Рече дека изминатите четири месеци, од нејзиното назначување за директорка, постојано се ширеле и пласирале лаги, не само за неа, туку за целиот здравствен персонал во болницата.