Во соопштението на ЗНМ, тие посочуваат дека за време на одбележувањето на празникот Илинден на 2 Aвгуст на Мечкин Камен во Крушево, според информациите на ТВ Алфа, нивната екипа првично била спречена да го проследи настанот со објаснување дека не е акредитирана за истиот
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска соопшти дека бара одговорност за спречувањето на екипа на ТВ Алфа да известува од Мечкин Камен за 2 Август – Илинден, каде што оваа година беше централното чествување на празникот.
„Новинарските екипи имаат право и обврска да информираат од настани кои се од јавен интерес, а не да се попречуваат во вршење на нивната работа. За ЗНМ е недозволиво владини служби да спречуваат новинари професионално да ја вршат работата, посебно кога се работи за настани од отворен карактер. Бараме одговорност за ваквото однесување и во иднина да се воздржат од вакви постапки со една цел, а тоа е правото на информација на граѓаните да не биде повредено“,
соопштија од ЗНМ.
Во соопштението тие посочуваат дека за време на одбележувањето на празникот Илинден на 2 Aвгуст на Мечкин Камен во Крушево, според информациите на ТВ Алфа, нивната екипа првично била спречена да го проследи настанот со објаснување дека не е акредитирана за истиот. По повеќе од еден час објаснување со владините служби, им било дозволено да го проследат настанот.
Претходно денеска, ЗНМ побара итна реакција и од Општина Сарај поради вчерашната случка со новинарска екипа на „Алсат“, во која што, од страна на локалните жители била спречена да снима.