Откако Собранието денеска едногласно го ратификуваше Северноатлантскиот договор, попладнево пред зградата на парламентот на свечена церемонија беше подигнато знамето на НАТО на јарболот покрај државното знаме.

На церемонијата ѝ претходеше специјална седница на која говореа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Оливер Спасовски и претставници на пратеничките групи.
Поврзана вест: Парламентот го ратификува Северноатлантскиот договор
Северноатлантскиот договор беше изгласан со 114 гласа „за“.

Од кабинетот на претседателот Пендаровски соопштија дека тој утре ќе го потпише указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.

Сепак, ратификацијата на договорот ќе биде со одложено дејство, додека и шпанскиот парламент не го ратификува Протоколот за нашиот влез во Алијансата, како 30. членка.