Од ЗНАМ порачаа дека внатрешната нестабилност на СДСМ не смее да се прелева во државата како политичка неизвесност. Тие истакнаа дека Собранието мора да остане место за дебата, а не за политички маневри, и дека ЗНАМ останува посветено на реформите и функционална држава
„На анкетите тие практично веќе не постојат. Станува збор за група на поранешни членови на СДСМ, кои за жал, за свои сопствени финансиски лични интереси, ја разединија и ја поделија партијата. Имаа лажни ветувања. Ќе беа некакви патриоти, некаков контролор на власта. Што направија? Ништо. Тие се само приврзок на ВМРО-ДПМНЕ и си остваруваат свои интереси“, одговори Филипче

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска упати обвинувања до СДСМ, тврдејќи дека најголемата опозициска партија се соочува со внатрешен раскол и некоординираност по прашањето за измените на Законот за влада.
Никола Мемов од ЗНАМ, на денешната прес-конференција, истакна дека јавноста е сведок на „меѓусебно неспоиви пораки“ кои доаѓаат од врвот на СДСМ во рок од само неколку часа.
Мемов ги посочи вчерашните изјави на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, како доказ за внатрешниот јаз.
„Венко Филипче изјави дека партијата нема да учествува само во работата за Изборниот законик, но дека нема да го напушти Собранието. Оливер Спасовски, само неколку часа подоцна, на телевизиско гостување, остави отворена можност за сите демократски методи“,
рече Мемов.
Тој праша кој ја кажува вистината и кој е релевантниот став на СДСМ.
Од ЗНАМ ги демантираа тврдењата на Спасовски дека немало дебата за Законот за владата. Според Мемов, Спасовски бил лично вклучен во процесот, учествувал на работните средби во Министерството за јавна администрација и му биле доставени сите предлог-измени.
Поради, како што рече, молк и контрадикторности, ЗНАМ постави прашања до СДСМ.
„Дали целта е блокада на работата за Изборниот законик, се подготвува ли сценарио за напуштање на Собранието и парализирање на институциите, дали вистинската причина е стравот од изборен пораз и дали се работи за стратегија за зачувување на внатрешните фракциски позиции“,
се прашањата на кои од ЗНАМ бараат одговори.
Од ЗНАМ порачаа дека внатрешната нестабилност на СДСМ не смее да се прелева во државата како политичка неизвесност. Тие истакнаа дека Собранието мора да остане место за дебата, а не за политички маневри, и дека ЗНАМ останува посветено на реформите и функционална држава.
Со одговор на обвинувањата излезе лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој рече дека ја нема слушнато изјавата на Мемов, но според него тоа повторно е некаква форма на сервирање информации кои им одговараат само на ЗНАМ.
Филипче рече дека нема разединетост ниту во пратеничката група ниту во партијата.
„Точно е дека разговараме за сите опции, но засега ние ја напуштаме само работната група за Изборниот законик. Тоа поради новиот Закон за влада што се носи на овој начин е нешто што значи сузбивање и на демократијата во земјата. Не се созреани условите за да се тргне техничката влада“,
рече Филипче во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека со измените на Законот за владата се слабее позицијата на техничките министри.
„Ако една влада, еден закон, се носи со консензус во 2016 година, вратен е на лично барање на Христијан Мицкоски во 2018 и јасно стои во законот дека ќе биде така се до влегување на земјата во ЕУ. Се поставува прашањето зошто им се брза сега и зошто го менуваат на начин на кој ги слабеат техничките министри. Секојдневно укажуваме дека начинот на кој владеат е идентичен како што се владееше во време на Никола Груевски. Нема гарант без техничка влада за фер и демократски избори“,
додаде Филипче.
Тој рече дека раководството на ЗНАМ се поранешни членови на СДСМ кои дејствуваат за лични интереси.
„На анкетите тие практично веќе не постојат. Станува збор за група на поранешни членови на СДСМ, кои за жал, за свои сопствени финансиски лични интереси, ја разединија и ја поделија партијата. Имаа лажни ветувања. Ќе беа некакви патриоти, некаков контролор на власта. Што направија? Ништо. Тие се само приврзок на ВМРО-ДПМНЕ и си остваруваат свои интереси“,
рече Филипче.
Тој додаде дека антикорупцискиот тим на СДСМ прикажал бројни тендери и финансиски скандали што се поврзани со ЗНАМ.
