Во името на ЗНАМ, потпретседателката Весна Бендевска изрази подготвеност да разговараат со сите коалициските партнери, но и со сите политички партии и да ги објаснат позициите од националната платформа со цел, како што рече, постигнување консензус околу клучните работи на внатрешен и надворешен план
Движењето За наша Македонија (ЗНАМ) денеска до својот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ го достави текстот на националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии. Целта, како што истакна потпретседателката на ЗНАМ, Весна Бендевска, е постигнување национален консензус околу клучните работи на внатрешен и надворешен план.

Во името на ЗНАМ, Бендевска изрази подготвеност да разговараат со сите коалициските партнери и да ги објаснат позициите во националната платформа која се состои од девет точки.
„Конечно Македонија е мултикултурно и мултиетничко општество. Движењето ЗНАМ, се обидува да ја врати државата, заедничка Македонија на крушевските принципи, на асномските принципи. Затоа откажувањето, пред да разговараме и да ја соопштиме содржината, е претерано и избрзано. Верувам дека има можност. Сите сме одговорни за иднината на Македонија за нашите нови млади генерации“,
изјави Бендевска пред медиумите.

На прашањето дали очекуваат поддршка за национално обединување од опозицискиот „Европски фронт“, иако тие се изјасниле против националната платформа, Бендевска вели дека ќе направат сè за да се постигне тоа.
„Ние ќе направиме сè . Веруваме дека е можно да се најдат вистинските начини и Македонија да ја вратиме на вистинскиот пат, модерна, современа европска држава. Ќе си дадеме време. Ќе разговараме и подаваме рака на сите бидејќи ова е навистина многу важен државнички чекор. Националната платформа е натпартиски, надетнички, над сите можни нивоа важна како чекор. Македонија прво треба национално внатрешно да се обедини за да зајакне нејзината меѓународна позиција“,
рече Бендевска.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изрази подготвеност како партија да ја разгледаат и да разговараат на националната стратегија што денеска до нив ја поднесоа коалициските партнери од ЗНАМ, нагласувајќи дека без национален консензус нема ниту милиметар поместувања.
„Ние сме подготвени за национална стратегија во секој момент, да го видиме предлогот, да разговараме. Ние и во минатото сме покажале дека како опозиција сме подготвени. Тоа што некој немал слух и одлучил наивно да ги води процесите наспроти интересите на граѓаните и државата, тоа е друг проблем“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.