„Владата на Република Косово високо ја цени историската посета на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс на Косово. Тоа е доказ за силни и стабилни односи меѓу двете земји и е златна можност за продлабочување на стратешката соработка, за мир и безбедност во регионот и пошироко“, соопшти кабинетот на косовскиот премир, Албин Курти
Посетата на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс на Косово претставува важен историски момент во билатералните односи меѓу Косово и САД, соопштија од кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти по средбата.
На неа била истакната посветеноста на владата и безбедносните и разузнавачките институции на Косово, предводени од Косовската разузнавачка агенција, за подобрување на соработката со ЦИА.
„Владата на Република Косово високо ја цени историската посета на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс на Косово. Тоа е доказ за силни и стабилни односи меѓу двете земји и е златна можност за продлабочување на стратешката соработка, за мир и безбедност во регионот и пошироко“,
се вели во соопштението.
Курти му се заблагодарил на директорот на ЦИА за неговата континуирана поддршка и ја изразил својата посветеност за продлабочување на соработката во областите од заемен интерес, најавувајќи дека американските вредности, кои се однесуваат на демократијата, владеењето на правото и непоколебливата евроатланска ориентација, остануваат централен столб на добро и демократско владеење во Косово.
Косовскиот премиер го информирал Барнс за економскиот раст и развој, како и за социјалниот и демократскиот напредок на Косово, нагласувајќи дека „сите внатрешни безбедносни предизвици успешно се менаџираат со моќта на законите на демократската држава Косово“.
За време на посетата на Косово, Барнс се сретна со претседателката Вјоса Османи и со раководството на Косовската разузнавачка агенција.
Сите средби се одржаа без најава и без присуство на медиумите. Барнс пристигна во Косово по посетите на Сараево и Белград.