Според народниот правобранител, државата направила пропуст бидејќи не почнала навреме да издава лични документи со новото уставно име, поради што, како што вели, сме доведени во ситуација граѓаните да се изложени на дополнителни трошоци и да не можат навреме да добијат термин за да ги обноват личните документи
Народниот правобранител Насер Зибери смета дека Владата треба уште еднаш да ја разгледа можноста за евентуално покривање на трошоците за издавањето на личните карти, кои граѓаните се обврзани да ги заменат до февруари следната година. Поседувањето лична карта, вели Зибери во изјава за МИА, е обврска која се наметнува со закон и оттука секој граѓанин е обврзан да има валидна лична карта односно документ за идентификација.

Според Зибери, државата треба да го сноси финансискиот трошок спрема граѓаните кои не по нивна вина ќе останат без валидни лични карти.
„Сметам дека се направи пропуст кога надлежните органи не почнаа од денот на донесување на одлуката со издавање на лични документи со новото име. Сметам дека Владата не направи добра проценка ниту донесе некој оперативен план за спроведување на оваа активност. Претпоставувам дека МВР имало намера да ги искористи старите обрасци, но тоа, пак, доведе до ситуација во која сме – голем број на граѓани да се изложат на дополнителен трошок и да не можат да добијат термин за навреме да ги обноват своите лични документи. Граѓаните се ставаат во крајно неповолна ситуација“,
вели омбудсманот во изјава за МИА.
Говорејќи на оваа тема, Зибери кажа дека надлежностите на Народниот правобранител се лимитирани во насока на надминување на конкретниот проблем, иако, како што вели, до него изминатиот период пристигнувале голем број претставки од граѓани кои имаат потешкотии при вадењето нови лични документи. Пристигнувале претставки по два основа – немање можност за закажување термин за промена на документи и финансиски товар.
„Врз основа на тие претставки ние се обраќаме до надлежните институции, во случајот, до МВР. Зависно од одговорите кои ќе ги добиеме, зашто карактерот на претставките е различен, ние ќе даваме препораки до надлежните институции за решавање на проблемот“,
изјави Зибери.
До февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат личните документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), на кои наместо Република Македонија треба да стои новото уставно име Република Северна Македонија кое произлегува од Преспанскиот договор.