Во Северна Македонија 16,9 отсто од граѓаните живеат со помалку од 280 денари дневно, колку што изнесува т.н. средно висока граница на сиромаштијата. Во Србија така живее приближно ист процент од населението или околу 19 отсто. Од тие пари, освен за храна и облека, сега треба да се одвои и за маски, средства за дезинфекција…
И во Србија и во Македонија меѓу најсиромашните слоеви на граѓани, кои и најмалку можат да се заштитат, има помал број на ковид-19 случаи споредено со останатата популација
Појавата на коронавирусот ја влоши состојбата на Ромите во Северна Македонија
Скопје е политички, економски и образовен центар на Северна Македонија, а по појавата на коронавирусот стана и ковид-19 центар. Не само поради болниците, туку и поради бројот на заболени. Во моментов половина од активните случаи во земјата се од главниот град, односно околу 11 000 болни на проценети 600 000 жители.
Но, ако податоците се погледнат подлабоко, бргу се доаѓа до еден феномен. Најмногу ковид-19 случаи во моментов има во „најбогатите“ општини, како Центар, каде што на крајот на ноември имаше 2 400 болни на секои 100 000 жители. На дното на листата, пак, се претежно руралниот Сарај (477 болни на 100 000), Чаир (965 на 100 000) и најсиромашната општина во главниот град Шуто Оризари (1 123 на 100 000). Чаир и Сарај на почетокот на летото имаа најголем број на активно болни. Шуто Оризари постојано е на дното.
Мнозинско од населението во Шуто Оризари се Ромите, со околу 13 500 жители според последниот попис од пред 18 години. Близу 10 отсто од нив или 1 163 граѓани примаат гарантирана минимална помош од државата, која зависно од структурата на домаќинството се движи од 4 000 до 10 000 денари. Голем дел од останатите живеат од тамошниот „пазар“, од собирање и препродавање пластика и железо, како и од услужни дејности во неформалниот сектор. Со други зборови, не само што голем дел од Ромите немаат дополнителен начин на заштита, кој би ги оправдал ниските бројки, туку и тешко можат да си дозволат основна заштита.

Граѓанскиот активист Мухамед Аваз вели дека дел од населението не успева редовно да купува ниту маски ниту средства за дезинфекција. Една хируршка маска во аптека може да се купи за околу 20 денари, додека најниската цена за мала амбалажа со средство за дезинфекција на раце, пак, се движи околу 50 денари.
„За жал, Ромите се едни од најмаргинализираните заедници во државата, дури и пред појавата на вирусот, а со појавата на вирусот тоа дополнително се зајакна. На дел од ромското население, кое беше вработено со договор на дело, договорите не му беа продолжени поради кризата, невработените се соочија со дополнителни тешкотии во нивното егзистирање, семејствата што работат на пазар, како што е познато, пазарот неколку месеци беше затворен, при што на овие групи граѓани им беше затворен единствениот приход во семејствата. Генерално, состојбата на Ромите се влоши поради ковид-кризата, секако, за жал, еден дел од населението не успеа редовно да набавува маски или средства за дезинфекција, но, за среќа, постојат хумани луѓе коишто помагаа преку донации на заштитни маски, медицински и прехранбени пакети, иако тоа се продукти што се потребни постојано и во континуитет“,
вели Аваз, кој е и помлад истражувач во Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“.
Аваз го потенцира и проблемот со Ромите кои немаат лични документи, а со тоа немаат и можност да ги користат социјалните и здравствените права. Таквите граѓани поминуваат „под радарот“ на системот.
А меѓу луѓето, вели Аваз, постои страв од ковид-19.
„Од индивидуалните разговори со дел од семејствата, може да се забележи дека покрај егзистенцијалните прашања поврзани со недостиг од прехранбени производи, доминантен е и стравот за нивното сопствено здравје од влијанијата на вирусот, бидејќи во последниот период, за жал, починаа и млади и повозрасни лица како резултат на ковид-19“,
вели Аваз.
До минатата недела жителите на Шуто Оризари немаа каде да се тестираат во својата општина и ги користеа шесте пункта во другите локални самоуправи. Од понеделникот, конечно, во Шуто Оризари има пункт за бесплатно тестирање и на дневно ниво има по 30 термини.
„Ова е голем чекор во борбата против ковид-19 бидејќи, како што велат и самите доктори, раната детекција е клучна, а граѓаните отсега ќе имаат можност во рамки на општината во којашто живеат да се тестираат, што е голем напредок и големо логистичко, но и финансиско олеснување, ако ја имаме предвид цената на тестови во приватните клиники, а притоа и тоа што неретко има потреба и целото семејство да се тестира, што претставува голем трошок за едно просечно ромско семејство“,
вели Аваз, кој нагласува дека иницијативата за отворање пункт ја покренале неколку индивидуалци и граѓански организации.
Живот на улица и со ниски примања во време на епидемија
Слични маки – неможност да се купат маски и средства за дезинфекција, имаат и маргинализираните во Србија. Ивица Здравковиќ од Ниш, поради долгови, пред две години останал без станот, па спиел во напуштени куќи, подруми, на железничката станица. На улица, не само што не може да се одржува хигиена туку проблем е и превенцијата. Нема пари за маски и ракавици кога банките му кратат дел и од единствениот приход – семејната пензија.

„Толку ми се влоши здравствената состојба, од стрес и сите овие проблеми, што добив и шеќер. И оваа епидемија сега, тоа е катастрофа“
вели овој 55-годишник.
Ивица за две години ослабел од 78 на 54 килограми. Претходните месеци ноќите ги поминувал во чекалницата на железничката станица во Ниш, сè додека надлежните не почнале да ја заклучуваат. Таму преноќувал со други бездомни лица, патници и мигранти, кои го чекале утринскиот воз за Белград.
„Бев во близина на многу луѓе, не знам како досега не се заразив, барем мислам дека не се заразив. Со мене на перонот е и мојот пријател Бојан, тој неколку дена имаше температура, но сега е подобар“,
вели Здравковиќ.
Откако повеќе вечери поминал на перонот, под натстрешниците на железничката станица како единствена заштита, привремен сместување му понудил стар пријател. Престојот во привремениот дом му помогнал малку да заздрави, но стравува од тоа што ќе се случи откако месецов ќе го напушти станот.
„Еве, сега имам некаква маска. Не е толку тешко за таа опрема, маските се негде дваесет-триесет динари, но немам средства за одржување хигиена, алкохол за дезинфекција на раце. Сега, додека привремено сум со сместување, гледате и самите дека изгледам добро. Но, до моментот додека не отидов кај мојот другар… беше тешко, хигиена под секое ниво“,
вели Здравковиќ.
Без засолниште од зимата, но и од коронавирусот, во Ниш има најмалку 11 лица. Толку лица барем лани прифатиле во засолништето за бездомници во тамошниот геронтолошкиот центар, кој годинава поради ковид-19 мора да биде на друго место.
„Сега за таа намена определивме простор во Центарот за пружање услуги од областа на социјалната заштита ‘Мара’. Освен сместување, тие ќе добиваат храна и гардероба“,
вели помошник-градоначалничката на Ниш, Душица Давидовиќ.
Меѓутоа, освен за тие без дом, почитувањето мерки во време на епидемија е предизвик и за луѓето со ниски примања. Според официјалните податоци, во Србија минатата година имало 226 897 корисници на социјална помош, кои во просек добиваат по 8 626 динари (околу 4 300 денари).
Оние што ги почитуваат советите на епидемиолозите дека хируршката маска треба да се менува на секои три часа, дневно искористуваат најмалку две, што чини околу 60 динари (околу 30 денари). За повеќечлени семејства, трошоците се зголемуваат. Како потреба се наметнува и тоа секој во џебот да носи средство за дезинфекција на рацете, а најевтиното, кое трае неколку дена, чини околу 100 динари (50 денари).
Освен без доволно пари, многу луѓе во Србија низ епидемијата поминуваат и без основни услови за живот, некои и без вода за пиење.
„Дури 5 334 ромски семејства, односно 138 ромски населби во Србија немаат вода за пиење, а тоа е цивилизациско право. Тие се најзагрозени, но тоа е состојба во која се наоѓаат 20 или 30 години, така живеат без грижа од државата. Какви маски, каква дистанца? Тие преживуваат без вода цело ова време“,
вели претседателот на Постојната конференција на ромски граѓански здруженија „Лига Рома“, Осман Балиќ.
Но и во Србија бројот на заразени во ромските населби е низок. Барем таков е впечатокот, бидејќи во земјата нема податоци, на пример, за бројот на заболени по општини.
„Нив Бог ги чува, навистина го мислам тоа. А и сите реагираа на нашето рано предупредување и навистина внимаваа. Ги откажаа свадбите во текот на летото, а ги пријавувавме оние ретките што ги кршеа тие правила“,
вели Балиќ.
Тестирање по сопствена иницијатива до 50-60 евра
Единствената логика зад фактот што во посиромашните средини, и официјално неофицијално, има помалку ковид-19 случаи се потенцијалните разлики во бројот на тестови. Дијагностиката на ковид-19, и во Северна Македонија и во Србија, често зависи од џебот.

Подетално, и двете земји нудат бесплатен тест на државно, односно со здравствено осигурување. Во Северна Македонија тестот се закажува преку матичен доктор откако ќе се пополни прашалник според кој се одредува – дали пациентот ги исполнува условите за „државен“ тест или не.
„Доколку пациентот има температура, плус најмалку еден симптом од останатите издвоени симптоми за ковид-19 и доколку бил во контакт со потврдено позитивно или сомнително лице со ковид-19, пациентот го исполнува алгоритмите за тестирање преку ‘Мој термин’“,
велат од Министерството за здравство.
Ако пациентот ги исполнува условите, матичниот лекар бара и закажува термин преку електронскиот систем „Мој термин“. Но, во многу случаи, граѓаните не ги исполнуваа условите за тест на државно, на пример, ако имаа повеќе симптоми, но не и температура.
Во Србија, пак, не постои јавно познат алгоритам. Таму сомнителните на ковид-19 се јавуваат во т.н. ковид-амбуланти, па по прегледот се одлучува дали пациентот ќе се тестира или не. На барањата за објаснување по кој критериум се прави изборот, од Кризниот штаб одговорат: „Почитувајќи ги критериумите за дефиниција на случајот“. Што и да значи тоа точно, на пациентите не им е јасно, па некои се прашуваат дали и денови со покачена температура не е доволна причина за тестирање.
Тие што не добиваат тест на државно и во двете држави, сепак, имаат опција да си го „купат“, под услов, се разбира, да имаат пари. Во Северна Македонија, ПЦР-тест на „приватно“ може да се направи во државните центри за јавно здравје, но и во приватните лаборатории. Цената во приватните лаборатории е од 3 000 до 4 000 денари. Во Србија може да се направи само во државните лаборатории, а на тестирање се оди со платена уплатница од 6 000 динари (3 000 денари).
Вкупно, и на приватно и на државно, во Северна Македонија досега се направени околу 350 илјади ПЦР-теста. Во Србија, која има три и пол пати повеќе население, таа бројка изнесува близу два милионa теста. Но, тука влегуваат и ПЦР, и серолошки и брзи антигенски тестови.
Но, овие податоци се само едната страна на паричката за тоа – дали тестовите им биле еднакво достапни на сите. Во Северна Македонија, од тие 350 илјади теста, околу 162 илјади се направени во приватни лаборатории. Тоа значи дека најмалку 46 отсто од вкупниот број тестови се платени од џеб. Бројката на приватни тестови е веројатно и повисока затоа што државата не објавува статистика и колку од тестовите направени во државните лаборатории се платени на приватно.
Во Србија, пак, не може никако да се утврди колку тестови се платени од џеб, а колку се направени по препорака на доктор. Причината е што државата не го открива тој податок.
Ако немаш пари, ќе си чекаш термин
Иако е тешко да се знае каков е социјалниот статус на тие што стигнале до тест на државно, сосема е јасно дека тие што се тестираат на приватно не се најсиромашните. Со други зборови, оние што се материјално подобро обезбедени имаат избор – да се обидат со термините на државно или да си платат на приватно. Сиромашните го немаат изборот – мора да чекаат на државниот алгоритам.
Стефан Ѓошев, македонски граѓанин кој веќе го победи вирусот, објаснува како се одлучил да плати.
„Мене симптомите ми се појавија за време на продолжениот викенд, вечерта на 12 октомври. Утредента сабајлето, на 13 октомври, го побарав матичниот и тој ми кажа да почекам барем еден ден да видиме дали симптомите ќе продолжат. Симптомите ги имав и наредниот ден, па тогаш побарав да ми дадат термин за тестирање, но ми беше кажано дека системот е полн и во моментов нема ниту еден термин за да бидам тестиран на државно. Со оглед дека имав симптоми, не сакав да чекам и да се држам и себе и семејството во неизвесност, решив да се тестирам на приватно и го направив тестот во Институтот за јавно здравје за 1 850 денари. Резултатот ми беше готов во вечерните часови истиот ден и беше позитивен“,
вели нашиот соговорник Стефан Ѓошев.
А што го чека оној што нема пари да плати, се обидовме да дознаеме од матичните лекари. Саше Апостолов од Виница вели дека е голема среќа ако веќе за наредниот ден успее да најде термин за негов пациент.
„Состојбата со термини е варијабилна. Најчесто пациентите чекаат по три-четири дена за да добијат термин за тестирање. Кај нас во Виница не се земаат брисеви и ги праќаме пациентите во Кочани и Штип. Може да се случи во моментот кога го пополнуваме прашалникот, ако пациентот ги исполнува условите, веднаш да има термин и веќе наредниот ден да го испратиме да се тестира, но тоа е многу ретко, повеќе би рекол дека е среќа. Повеќето пациенти, претпоставувам, поради финансиската состојба, се стрпливи и си ги чекаат термините на државно, ретко кој решава и оди во Скопје да направи тест во приватните лаборатории“,
вели д-р Апостолов.
Матична лекарка Ирена Витановска од Скопје, пак, вели дека проблем со термините за државни тестови постоел, но дека тоа сега е надминато.
„Порано чекавме по недела дена, имавме проблем, меѓутоа сега веќе денеска или утре можеме да закажеме ако ни се појави пациенти за симптоми… Имаме многу пациенти кои веднаш си одат на приватно, не можат да чекаат, но во ред е и ако почека еден-два дена, не е тоа ништо страшно“,
вели докторката Ирена Витановска.
И покрај јавните настапи на доктори и на пациенти, дека за термини на државно често се чека и по неколку дена, здравствените власти тврдат дека состојбата со термини е стабилна. Директорот на Здравствен дом-Скопје, Виктор Исјановски, вели дека редовно се отвораат термини и пациентите имаат брза достапност за тестирање. Така ни одговорија и од Министерството за здравство.
„Секој петок се пуштаат термините за следната недела, а термини постојано има на располагање. Доколку се поклопат во еден ден да се сите веќе резервирани, пациентот ќе го добие следниот прв слободен термин, а колку временски ќе чека, зависи од состојбата во текот на секојдневието и моменталниот менаџмент со термини согласно дадените моментални потреби на граѓаните“,
велат од Министерството.
Оттаму уверуваат и дека со моменталниот број на тестирања епидемиолошката слика во земјава е под контрола.
„Немав температурата, па не ме тестираа“
Алгоритмот по кој во Србија се одлучува кој оди на тестирање а кој не, не е јавно познат. Нема ниту систем „Мој термин“, па да може независно да се утврди колку дена се чека за тестирање. Пациентите едноставно се оставени на проценката на докторот или докторите при преглед во ковид-амбулантите.
Многумина се жалат дека не ги пратиле на тест бидејќи „немале“ доволно симптоми, а тие се чувствувале лошо.
„Симптоми на инфекцијата добив на почетокот на јуни. Имав кашлица, болки во стомак, но не и температура, па не ме тестираа во амбулантата. За да бидам сигурна, пред сѐ поради моето семејство, направив серолошки тест на лично барање, беше негативен, ми олесна. Поради прениско ниво на железо, матичниот ме упати кај гастроентеролог, а таа, на основа на анализите на крвта, сепак, се посомнева на ковид и препорача ПЦР-тест. Можев да се тестирам само на лично барање и да платам на приватно. Ми јавија дека резултатот ми е позитивен, испратија екипа по мене и ме однесоа на тријажа во Инфективната клиника, а потоа ме вратија на домашно лекување“,
раскажува жителка на Ниш.
Друг жител на овој град на југот на Србија, исто така, го коментира тестирањето, па прашува зошто не се применува повеќе ако сите велат дека тоа е единствен начин за да се има јасна слика и да се справиме со состојба.
„Зарем е можно додека сите доктори од Кризниот штаб велат дека единствен начин да се ублажат последиците од епидемијата е ако се тестираат што повеќе луѓе и порано им се воспостави дијагноза, мене не ме тестираа иако имав температура од 39 степени и бев директно во контакт со заразен“,
вели еден нишлија, кој од матичниот лекар добил антибиотска терапија и датум за контрола.
АВТОРИ: Александар Самарџиски и Сања Јаначковиќ
