Според француската новинска агенција АФП, протестни собори имало во најмалку 55 од 81 провинција во Турција, што е повеќе од две третини од земјата
Десетици илјади демонстранти синоќа излегоа на улиците во повеќе градови во Турција откако градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е и главен ривал на претседателот на земјата Реџеп Таип Ердоган и формално е притворен и обвинет за корупција, пренесува Би-би-си.

Имамоглу вчера требаше да биде избран за претседателски кандидат на Републиканската народна партија (ЦХП) за изборите кои треба да да се одржат во 2028 година.
Неговото притворање вчера доведе до најжестоките протести и излив на незадоволство и гнев кај дел од граѓаните какви што во земјата, според британскиот сервис, не се случиле повеќе од една деценија
Како одговор на протестите полицијата употребила солзавец и гумени куршуми врз демонстрантите, велат новинските извештаи.
Обвинувањата кон него, градоначалникот на Истанбул ги оцени како политички мотивирани и во објава на социјалните мрежи пред да биде притворен напиша дека никогаш нема да се покори“.
Од друга страна, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган ги осуди демонстрациите и ја обвини ЦХП дека се обидува да го „наруши мирот и да го поларизира народот“ на земјата.
Синоќа, петта ноќ по ред, толпи луѓе се собраа во близина на градското собрание во Истанбул каде го вееја националното знаме на Турција и скандираат пред многубројните полициски екипи за разбивање немири.
Според Би-би-си, полициските кордони биле забележани како користат солзавец и водени топови врз насобраните демонстранти.
На насобраните граѓани пред градското собрание се обрати сопругата на Имамоглу, која рече дека неправдата со која се соочува нејзиниот сопруг ја погодува совеста на секој граѓанин.
Демонстрациите како одговор на апсењето на Имамоглу се најголемите што земјата ги видела од протестите на Гези во 2013 година, кои започнаа во Истанбул поради уривањето на локалниот парк.
Според француската новинска агенција АФП, протестни собори имало во најмалку 55 од 81 провинција во Турција, што е повеќе од две третини од земјата.

Имамоглу е еден од повеќе од 100 лица, вклучително и други политичари, новинари и бизнисмени, приведени во средата, како дел од истрага за корупција.
Тој формално беше притворен вчера и обвинет за „основање и управување со криминална организација, земање мито, изнуда, незаконско снимање на лични податоци и местење тендер“.
Нему му е одреден притвор додека трае постапката. Агенцијата АФП, како и локалните медиуми објавија дека тој е однесен во затворот во Силиври, каде ќе го издржува притворот.
Инаку, како што соопшти вчера турското Министерство за внатрешни работи, Имамоглу е суспендиран од функцијата градоначалник.
Во објавите на социјалните мрежи, Имамоглу го критикуваше неговото апсење како црна дамка на турската демократија, обвинувајќи за кршење на законот и на судската постапка.
Тој ги повика луѓето ширум земјата да се приклучат на протестите и да учествуваат на гласањето.
Во порака споделена преку неговите адвокати на платформата Икс доцна синоќа, Имамоглу ги поздрави луѓето што протестираат, наведувајќи дека тие што гласале за него кажале дека на Турција ѝ е доста од Ердоган.
Апсењето, како шт наведува Би-би-си не ја спречува кандидатурата на Имамоглу за претседател, но доколку биде осуден за некое од обвиненијата што му се ставаат на товар, тој нема да може да се кандидира.
Притворениот политичар се смета за смета за еден од најголемите ривали на Ердоган, кој е на власт во Турција 22 години и како премиер и како претседател на земјата.
Сепак, поради ограничувањата на мандатот, Ердоган не може повторно да се кандидира за функција во 2028 година, освен ако не го промени уставот.
Министерството за правда ги критикуваше оние што го поврзуваат Ердоган со апсењата и инсистира на независноста на судскиот систем.

Во меѓувреме, Универзитетот во Истанбул во вторникот објави дека ја укинува дипломата на Имамоглу поради наводни неправилности.
Ова, исто така, ќе ја доведе во прашање можноста на Имамоглу да се кандидира како претседател, бидејќи турскиот устав вели дека претседателите мора да имаат завршено високо образование за да ја извршуваат функцијата.
Адвокатите на Имамоглу изјавија дека ќе се жалат на одлуката за одземање на неговата диплома до Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
Обвинителите, исто така, сакаат да го обвинат Имамоглу за „помагање на вооружена терористичка организација“, но турскиот суд рече дека тоа во моментов не е неопходно.
ЦХП имаше де факто сојуз со прокурдската Партија за еднаквост и демократија на народите (ДЕМ) во врска со минатогодишните локални избори.
ДЕМ, пак, е обвинета дека е поврзана со Курдската работничка партија (ПКК), наводи што таа ги негира.
Инаку, Курдската работничка партија, на почетокот на март прогласи прекин на огнот со Турција, во рамките на бунтот што го водеше против земјава повеќе од 40 години. Таа е забранета како терористичка организација во Турција, Европската Унија, Велика Британија и САД.
По приведувањето на Имамоглу во средата, илјадници луѓе излегоа на улиците низ Турција, главно мирни демонстрации.
Според турските власти, од почетокот на протестите се извршени повеќе од 700 апсења.

Во саботата, млада жена облечена во црно и со маска на лицето пред канцеларијата на градоначалникот на Истанбул, за Би-би-си изјавила дека не протестира од политички причини или затоа што ја поддржува опозицијата, туку за да ја брани демократијата.
„Тука сум за правда, тука сум за слобода. Ние сме слободни луѓе и турски народ не може да го прифати ова. Ова е спротивно на нашето однесување и култура“,
вели таа.
Друга жена, која го донела својот 11-годишен син на протестите, рекла дека сака да го вклучи затоа што е загрижена за неговата иднина.
„Од ден на ден е се потешко да се живее во Турција, не можеме да ги контролираме нашите животи, не можеме да избереме кого сакаме и тука нема вистинска правда“,
рекла таа за британскиот национален сервис.