На седницата говореа пратенички од речиси сите политички партии, а заклучоците што произлегоа се дека жените во земјава сè уште се соочуваат со дискриминација и предрасуди во многу области од општеството и оти е потребен сеопфатен пристап и соработка меѓу институциите за унапредување на позицијата на жените во општествените дејности

Жените сè уште им пркосат на предрасудите, на стереотипите, на патријархалните фрустрации во недостиг на многу еманципирани мажи, рече претседателката Гордана Силјановска-Давкова во обраќањето на денешната пленарна 39. седница на Собранието каде се дискутираше на темата „30 години заложби и достигнувања за подобрување на статусот на жените и идни планови за акција“, а по повод Меѓународниот ден на жената.
Силјановска-Давкова на пратеничките им порача да не се откажуваат од Собранието и таму да ги водат битките и да ги пратат пораките.
„Она што никогаш во животот нема да го заборавам е дека сум била дел од собраниски состав со 51 жена. Би сакала овој број да се надмине на следните избори, ама се намали на 47. Мислам дека тоа не е женска суета, ниту егоцентризам, туку порака да се откажуваме од многу ум, знаење, енергија, креација, особено во ера на криза“,
рече Силјановска-Давкова.
Претседателката нагласи дека родовото базирано насилство за неа претставува злосторство што не познава граници, надминува култури, го релативизира социо-економскиот статус и бара обединета акција не само на власта и во регионот, туку и пошироко.
„Верувам дека дигиталните платформи се трансформативни, ама не смееме да криеме и премолчуваме дека тие се и плодна почва за онлајн насилство, за онлaјн злоупотреба, за тешко вознемирување и за тешка експлоатација. Колку ‘Јавни соби’ колеги и колешки треба да ни се случат за да реагираме? Не се работи за бројки и статистики. Се работи за живот и животни приказни. Тие не треба да се промовираат, да се продаваат, да се дозволуваат, да се читаат, да се шират и да се пропагираат“,
рече претседателката Силјановска-Давкова.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши нагласи дека жените и натаму се соочуваат со различни предизвици и покрај постојните закони. Потенцира дека иако имаме закони жените се уште се соочуваат со дискриминација и предрасуди на пазарот на труд, во образованието, во науката и културата.
„Борбата за родова еднаквост денеска не треба да се гледа како исклучиво женска кауза, туку како заеднички напор на целото општество. Мажите треба да бидат исто толку ангажирани и активни во оваа борба, бидејќи придобивките од едно рамноправно општество ги уживаат и мажите исто како и жените. Жените не се наши ривали, ниту закана за просторот на мажите, туку две комплементарни суштества кои се надополнуваат“,
рече Гаши.
Тој истакна дека потребен е сеопфатен пристап и соработка меѓу институциите, судовите, организациите, медиумите, мажите и жените, за да се надминуваат предрасудите и да се обезбеди еднаква средина.
На седницата говореа пратенички од речиси сите политички партии, а заклучоците што произлегоа се дека жените во земјава сè уште се соочуваат со дискриминација и предрасуди во многу области од општеството и оти е потребен сеопфатен пристап и соработка меѓу институциите за унапредување на позицијата на жените во општествените дејности.