Според полициски извори, како што пишува „Екатимерини“, истражителите се сомневаат дека експлозивната направа можеби експлодирала во нејзините раце пред да може да ја стави на банкомат во банка

ФОТО: EPA-EFE/ACHILLEAS CHIRAS
Триесет и осумгодишна жена била тешко повредена во експлозија, која рано наутро се случила во центарот на Солун, по што починала од повредите, пренесува грчки „Екатимерини“.
Експлозијата, како што се додава, се случила на паркинг до филијала на банка, на раскрсницата на улиците „Платон“ и „Агиос Димитриу“, околу 5 часот наутро. Жената била итно префрлена во болницата „Ипократеј“, но на крајот им подлегнала на повредите.
Портпаролката на полицијата, Констанција Димоглиду, во изјава за телевизијата Скаи, вели дека истражителите работат на утврдување дали жртвата била минувач или некако е поврзана со инцидентот.
Таа истакна дека жената ѝ била позната на полицијата, вклучително и по нејзината вмешаност во грабежи.
Според полициски извори, како што пишува „Екатимерини“, истражителите се сомневаат дека експлозивната направа можеби експлодирала во нејзините раце пред да може да ја стави на банкомат во банка.
„Се верува дека полицијата поседува аудиовизуелен материјал што го поддржува ова сценарио“,
се додава во написот.
Силната експлозија предизвикала голема штета на паркингот, околните деловни објекти, живеалиштата и повеќе возила.
Според пишувањата на грчкиот весник, кои се повикуваат на полициски извори, се верува дека 38-годишната жена била тесно поврзана со позната антиавторитарна личност која моментално е затворена за грабежи на банки и бомбашки напади.
Жената имала криминално досие и претходно била уапсена со истата антиавторитарна личност по грабеж на банка, за време на кој била пронајдена како носи калашников во ранец. Потоа била затворена.