Две недели се поминати откако УНЕСКО го продолжи рокот, а ништо не е сработено – реагира амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар. Според него, од 4 јули кога УНЕСКО и’ даде шанса на земјава да се подобри, па се’ до овој момент, институциите не направиле ништо за да покажат дека им значи шансата и дека вистински сакаат да го заштитат Охрид.
„Секогаш верувам дека е подобро сами со сопствени сили да се справите со проблемите. Од 4 јули, кога УНЕСКО ја даде препораката, до 1 февруари има 30 недели што можат да се искористат за да се реши проблемот. Од тогаш поминаа две недели и не гледаме никаков резултат, иако сметам дека навистина треба да се вложат сите напори за да дојде до тој резултат. Сметам дека сега е моментот кога треба да видиме вистинска соработка помеѓу институциите на национално ниво, Владата, парламентот, општините, локалните самоуправи и да се најдат нови начини за справување со проблемот. Потребна ни е нова енергија, нов начин за да се среди тоа“,
вели Жбогар.
УНЕСКО на земјава и’ даде рок до февруари 2020 да достави извештај за тоа што е постигнато за заштита на природното и културното наследство. Овој извештај ќе има витална улога наредниот јуни, кога УНЕСКО треба да одлучи дали Охридскиот регион ќе биде впишан како светско наследство во опасност.