Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар денеска беше во посета на Офицерскиот дом во Битола, каде заедно градоначалничката Наташа Петровска и министерот за локална самоуправа Горан Милески разговарале за идејните решенија за понатамошна функционална употреба на објектот.
Како што соопштија од општината, градоначалничката Петровска го информирала Жбогар дека изработени се околу 60 проценти од договорните услуги за адаптација на објектот.
„Поставени се дел од плочките, вентилацијата, дел од парното греење, дограмата, а се работи и на фасада. Истовремено, се работи проект за партерното уредување на Офицерскиот дом, на целата површина заедно со дворното место“,
велат од Општината и потенцираат дека се задоволни од динамиката на работа, посочувајќи ја кризата како отежнителна околност за работа.
Проектот за реконструкција на Офицерскиот дом доби средства од Европската унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската унија, администриран од Светска банка.
Офицерскиот дом во Битола кој важи за архитектонски бисер и главно обележје на градот, познат уште и како битолскиот Версај, со години е оставен на забот на времето чекајќи ги долгогодишните ветувања за негова обнова.