Третиот дијалог во рамки на „Жан Моне“-процесот во Собранието го пролонгира доставувањето на амандмани за предлог-законот за јавно обвинителство. Дијалогот во кој учествуваат и тројца европратеници, а се однесува за промени во собранискиот Деловник, завршува денеска и тоа било причината дел од пратеничките групи да побараат дополнително време откако вчера на состанок со министерката за правда Рената Дескоска беше договорено амандманите да се испратат денеска до 12 часот.
„Некои пратенички групи веќе доставија амандмани, а некои замолија за дополнително време за да ги формулираат заради обврските кои ги имаат со ,Жан Моне’ дијалогот“,
велат од Министерството за правда.
В понеделник, како што вчера најави и Дескоска, најверојатно ќе се одржи нова средба.
Министерката вчера рече и дека некои од пратеничките групи ги доставиле своите забелешки и амандмани уште во текот на јавната расправа која се одржа во вторникот и средата во Собранието, а за некои рече дека на вчерашниот состанок ги изнеле ставовите кои треба да ги предадат во форма на амандмани.
Пратениците или експертите да ги пишуваат амандманите?
ВМРО-ДПМНЕ не е меѓу оние кои формулирале амандмани. Според изјавите по вчерашната средба, главните разидувања помеѓу власта и опозицијата се околу прашањето кој да ги достави амандманите по одржаната јавна расправа – партиите или експертите?

Министерката Дескоска вчера рече дека тие со опозицијата имаат различни толкувања на ставовите кои ги искажале експертите на јавната расправа.
„Ние отворивме дури и дебата за толкувањето на определени ставови на експертите и видовме дека има различно читање на одредени ставови, така што се побара од нив да подготват амандмани исто како и другите групи и тоа да го направат утре до 12 часот. Секако, очекуваме ако имаат конструктивен приод, но останува и нивното право да не дадат амандмани“,
изјави вчера Дескоска.
Токму забелешките од експертите беа и главниот фокус во изјавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Од оваа партија се на став дека наместо партиите да достават амандмани, Министерството треба да ги повика професорите изнеле забелешки да учествуваат во подготовката на законското решение. Образложението на Милошоски е дека така ќе се избегне политизација на законот.
„Бидејќи не успеавме да се договориме чиј правен аргумент е посилен, одлучивме на министерката за правда да ѝ ги предочиме забелешките што експертите ги дадоа по однос на работната верзија за околу 25 члена. Од нив никој не го негираше концептот и структурата, но најголемиот дел од нив го оценија како нецелосен и фаличен и како текст на кој му треба големо подобрување за да можеме да имаме ефикасен закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека Министерството ќе биде на ниво на задачата, да ги исконтактира експертите и да го подобри текстот на законот“,
изјави вчера Милошоски.
Истрагите на СЈО и „бомбите“ меѓу забелешките што ги истакнува ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се на експертите
Милошоски пред да ја даде изјавата за медиумите, вчера на новинарите им подели испечатен лист хартија со членовите од предлог-законот за кои стручната јавност, според ВМРО-ДПМНЕ, дала суштински забелешки, а кои, како што рече пратеникот, ѝ ги предочиле на министерката Дескоска.

На листот хартија се наведени имињата на 14 експерти од областа на правото и под секое име се наведени членовите од нацрт-законот за кои дале забелешка.
Членот 108 е најчесто застапен на листата што вчера ја подели Милошоски. Тој е наведен пет пати, но истиот и претходно важеше за еден од главните камени на сопнување во преговорите меѓу политичките партии. Во него се предвидува дека јавните обвинители продолжуваат да ги вршат функциите до завршување на мандатот. Тоа, на пример, би значело дека Љубомир Јовески ќе остане републички обвинител до истекот на мандатот, како и Вилма Русковска дека ќе биде шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција до истекот на мандатот.
Понатаму, овој член предвидува дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе ги преземе надлежностите на СЈО. Обвинителите од СЈО, кои се веќе вратени во матичните обвинителства, ќе продолжат да ги водат предметите кои ги застапувале додека беа во тимот на Катица Јанева.

Има и неколку членови кои се наведени по четири пати во листата на Милошоски. Меѓу нив е и член 110. Во него се предвидува „бомбите“ кои не се предадени во суд, да ги чува републичкото обвинителство, а уништување на овие снимки да се направи три години по правосилност на пресудите.

Четири пати е наведен и членот 94, а со него се дефинира постапката за разрешување на јавен обвинител. Односно, се наведува дека одлуката за разрешување ја носи Советот на јавни обвинители со просто мнозинство, додека за разрешување на шефот на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција е потребно двотретинско мнозинство. Одлуката понатаму, според предлогот, може да се осопри и пред надлежен суд.

Исто и членот 62 може да се забележи четири пати, а тој се однесува на критериумите за избор на републички јавен обвинител, за обвинител во редовните, во вишите и во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.

И членот 29 е во групата членови кои ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на експертите, ги наведува четири пати во листата. Со него се регулира преземањето на кривично гонење и се чини дека најспорен е ставот 3 од овој член кој вели дека републичкиот обвинител не може да преземе кривично гонење односно предмет за кој е надлежно ОЈО за организиран криминал и корупција ниту, пак, може да овласти друго јавно обвинителство да постапува по тој предмет. Единствен исклучок е ако при надзор е утврдено дека постапката се води надвор од роковите предвидени со Законот за кривична постапка.

Членот 109, пак, е споменат три пати во листата со забелешки од јавната расправа која ја потенцира ВМРО-ДПМНЕ. Тој пропишува дека во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за 15 дена ќе се распише оглас за нови обвинители. Ова заедно со членот 108, беше во фокусот на јавноста и во изминатиот период додека партиите водеа преговори. Критиките на опозицијата беа во насока дека се овозможува „вдомување“ на обвинителите во СЈО во обвинителството на Русковска.

Што зборуваше Дескоска за членовите 108 и 109?
За членовите 108 и 109 неодамна зборуваше и министерката Рената Десковска во нејзиното гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ. Таа објаснуваше зошто ставот 3 од член 108, каде се предвидува ОЈО за гонење организиран криминал и корупција да ги преземе надлежностите на СЈО и притоа не се споменува дали „бомбите“ ќе важат како доказ или не, е напишан општо.

„Многу од експертите ни укажаа ,не преjудицирајте како судот ќе се постави. Оставете го судот да одлучи дали може да се гони, дали не може, дали може да се користат одредени докази или не може. Вие направете ја референцата’. Ние ја правиме референцата на тој закон, ги предаваме надлежностите, а потоа нека си се одлучува во судските инстанци дали нешто може да се користи како докази или не, може ли да се земат одредени надлежности, што претставува таа надлежност итн. Ако почнеме да пишуваме детално никогаш не можеме да се согласиме, а факт е дека и ова што е напишано општо во став 3 е камен на сопнување“,
рече Дескоска.
Но, и таквата општа референца, според Дескоска, не ѝ се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ, која бара јасно да се напише дали одредени докази и надлежности важат или не.
Во однос на одредбата од членот 109 за распишување оглас за нови обвинители, таа ги отфрла обвинувањата на опозицијата дека тоа би значело обвинителите од СЈО да се префрлат во ова обвинителство. На конкурсот, посочува таа, ќе можат да конкурираат сите обвинители.
„Во овој дел апсолутно се погрешни или со желба за спинување толкувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за вдомување на кадрите од СЈО во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Тоа не е точно, предлог-законот предвидува дека ќе биде зголемен бројот на обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ќе се распише конкурс на кој ќе може да конкурира секој кој исполнува услови. Целта и идејата е кога давате зголемени надлежности редно е да му дадете и капацитет на тоа обвинителство да си ги врши тие надлежности“,
рече Дескоска.