Претседателката на албанскиот парламент, која е во официјална посета на земјава, исто така, изрази надеж дека Законот за јазиците ќе биде целосно имплементиран и дека одлуката на Уставниот суд на земјава, кој треба да одлучува по ова прашање, ќе биде во духот на Охридскиот рамковен договор
Нејзиниот домаќин, спикерот на македонското Собрание Африм Гаши, говорејќи во контекст на евроинтеграциите, рече дека на средбата со Спирополи заклучиле дека наредниот период Балканот го очекуваат многу предизвици за што е потребна поголема меѓусебна соработка, поддршка и помагање со цел граѓани на двете земји што поскоро да живеат во благосостојба
Убедена сум дека промената на власта и политичката ротација во Скопје не треба и нема да влијаат на односите меѓу двете земји, туку ќе бидат дел од циклусот на континуиран напредок на соработката меѓу нас. Ова, меѓу другото, го изјави претседателката на парламентот на Албанија, Елиса Спиропали на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши.
И Спиропали, која е во официјална посета на земјава и Гаши во своите обраќања, покрај односите меѓу двете земји, кои ги оценија како одлични, се осврнаа и на заедничките стратешки интереси на Северна Македонија и на Албанија – членство во Европската Унија и придобивките од партнерството во НАТО-алијансата.
Претседателката на албанскиот парламент, чие обраќање временски беше поекстензивно од она на нејзиниот домаќин, даде свои видувања и упати пораки во врска со одредени актуелни прашања во земјава.
„Во Албанија има посебно внимание на сите настани во Северна Македонија, токму поради посебното значење со кое ги третираме овие односи. Забележавме дека изборниот процес беше по европските стандарди и со задоволство можам да напоменам дека Тирана им честита на институциите вклучени во тој процес за докажаниот професионализам кој гарантираше редовен демократски изборен процес. Убедена сум и дека промените во бојата на власта и политичката ротација во Скопје не треба и нема да влијаат на односите меѓу двете земји, туку ќе бидат дел од циклусот на континуиран напредок на соработката меѓу нас“,
рече Спиропали.
Во овој контекст таа изрази подготвеност за продолжување на контактите на политичкиот дијалог на сите нивоа, а за доброто на граѓаните на двете земји и нивните граѓани.
„Почитуван Африм, ние зборуваме албански бидејќи имаме иста крв и јазик, но и двајцата знаеме како Балканци дека овде, во нашиот крај полн со страсти, некако водени од самите себе внатре, а почесто од другите надвор, се случува да се мешаме, и односот меѓу политиката со ротација и историјата со поглавја е малку комплициран. Честопати сме верувале во супериорноста на првиот над вториот, но денес, со очите од иднината и компасот од Брисел, историјата на иднината нема малку да влијае на политичките проекти на денот. Што значи дека заедничкото патување кон ЕУ или ориентацијата и членството во НАТО ја ограничуваат улогата на политиката во менувањето на оваа историја која допрва чека да се испише“,
рече претседателката на парламентот на Албанија.
Говорејќи за евроинтеграцискиот процес, Спиропали укажа на заморот што го чувствуваат граѓаните во двете земји од долгото чекање. Притоа таа посочи дека и Албанија и Северна Македонија биле изложени на искушенија, но имале и сопствени назадувања на тој пат, но оти членството во Унијата останува стратешки приоритет, а ЕУ со кредибилна политика и со стимулирање на реформите може да го поттикне чувството на надеж и даде насока.
„Во блиска иднина императив е и за ЕУ, така и за земјите од Западен Балкан да ги потврдат меѓусебните заложби во процесот на пристапување“,
кажа Спирополи.
Во овој контекст, таа изрази жалење што Северна Македонија не ја исполнила преземената обврска во однос на уставните измени.
„Тие овде и пошироко се гледаат како соодветна жртва со заслужената награда што недостасува. Пораките од Брисел за време на средбата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со лидерите на Западен Балкан се надежни дека земјите од нашиот регион припаѓаат на Европа и дека Европската унија и Западен Балкан ги зближуваат своите економии и пазари преку Планот за раст од шест милијарди евра за регионот“,
изјави претседателката на албанскиот парламент.
Таа рече дека во Тирана со внимание се следи улогата и придонесот на Албанците како државотворен елемент во земјава и дека со гордост можат да признаат дека албанскиот фактор игра клучна улога во одржувањето на нејзината стабилност.
„Албанскиот фактор во РСМ, исто така, игра одлучувачка улога во односите меѓу двете земји и на ист начин и Македонците во Албанија се силен мост за поврзување на пријателството и соработката меѓу нашите две земји. Очигледно е дека тоа веќе не е стремеж и можност, туку е опиплива геополитичка реалност која потврдува дека безбедноста на регионот и неговата иднина зависи и од албанскиот фактор. Овој национален и човечки фактор, распространет на три држави и три републики, во Косово, Северна Македонија и Албанија, со три различни знамиња и симболи, истовремено го прифаќа симболот на обединетата Европа и нејзиното знаме. Во овој дух и во оваа филозофија, сигурна сум дека правичната и пропорционалната застапеност на Албанците во институциите на земјата, заснована и на оваа геополитичка реалност на регионот и во взаемниот интерес, ќе продолжи согласно современите демократски стандарди на мултиетничкото општество“,
рече Спиропали.
Претседателката на албанскиот парламент, исто така, изрази надеж дека Законот за јазиците ќе биде целосно имплементиран и дека одлуката на Уставниот суд на земјава, кој треба да одлучува по ова прашање, ќе биде во духот на Охридскиот рамковен договор.
„Албанскиот јазик, барем за нас Албанците, е свет и истиот има врска со суштината на нашиот идентитет. Неговото кршење во која било форма, очигледно многу боли и го нарушува токму овој идентитет на кој му пристапуваме во овој голем свет, во регионот и пошироко, како наша вредност. Целосно ја препознаваме и ја разбираме загриженоста на албанскиот фактор за можноста од можни промени, во зависност од очекуваната одлука на Уставниот суд, но очекуваме дека ваквите нарушувања ќе имаат решение согласно духот што го диктира Охридскиот рамковен договор“,
рече Спиропали.
Таа говореше и за инфраструктурните проекти и порача оти се горди што двете земји, заедно со Италија и Бугарија, го започнале големиот заеднички проект – Коридорот 8.
„Едвај чекам да го поминам патот Тирана-Скопје и обратно преку овој Коридор“,
рече претседателката на албанскиот парламент.
Нејзиниот домаќин, спикерот на македонското Собрание Африм Гаши, говорејќи во контекст на евроинтеграциите, рече дека на средбата со Спирополи заклучиле дека наредниот период Балканот го очекуваат многу предизвици за што е потребна поголема меѓусебна соработка, поддршка и помагање со цел граѓани на двете земји што поскоро да живеат во благосостојба.
„Укажавме дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам за напредок и награди, што нè мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи чиј краен резултат би требало да биде полноправното членство во Унијата. Си поставивме заедничка цел, како приоритети од заемен интерес, поефикасно да ги користиме ЕУ фондовите, заеднички да учествуваме во нови проекти во рамките на ИПА, но пред сè е потребно е да работиме на продлабочување на економската соработка преку промоција на стопанските потенцијали и реализација на инфраструктурните проекти кои се значајни за напредокот и стабилноста на Република Северна Македонија и Република Албанија како и целиот балкански регион“,
рече Гаши.
Во таа насока и тој го посочи Коридорот 8, чија цел, како што рече Гаши, да донесе поголема размена на луѓе, стоки и услуги за што, според него постои огромен потенцијал.