Серија земјотреси со епицентар во Маврово се случија во текот на минатиот ден, а како што информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје најсилно беа почувствувани од населението во Дебар, Гостивар, Тетово и Кичево.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, на 12 март во 20 часот и 40 минути, регистрира серија на земјотреси од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар со епицентар на 65km југозападно од Скопје. Најсило беше почувствуван земјотресот со локална Рихтерова магнитуда ML4.6.
Вториот посилен земјотрес регистриран во 22 часот и 28 минути кој потекнува од истото епицетрално подрачје и со Рихтерова локална магнитуда ML4.2 според досегашните податоци најсилно беше почувствуван исто така од населението во Маврово, Дебар, Тетово, Гостивар и Кичево со интензитет од IV-V степени според Европската макросеизмичка скала.
Претходно, имаше помали потреси на истото епицетрално подрачје со јачина од околу 3 степени по Рихтер.