Отворањето на преговорите, заедно со отворањето и затворањето на индивидуалните поглавја, во иднина да се одлучува преку квалификувано мнозинство во Советот на министри; земјите кандидатки кои остваруваат добри резултати во областите на добро владеење и владеење на правото да бидат дел од Европскиот совет и да учествуваат на состаноците на Советот на министри; потесна соработка со земјите кандидатки во безбедноста, енергетиката и инфраструктурата и зајакнување на улогата на проевропското граѓанско општество, се предлозите кои германскиот пратеник и дипломат ги изнесе на денешната конференција „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна демократија“, која се одржува во Собранието, а е во организација на невладината Институт за демократија „Социетас цивилис – Скопје“
Овие предлози, според Рот, треба да резултираат со постепено забрзување на процесот на интегрирање, кој, како што смета, ќе биде попривлечен за земјите од Западен Балкан, без притоа да ги наруши строгите критериуми за пристапување
Процесот на пристапување во Европската Унија треба да се реформира и земјите кандидатки треба да бидат вградени, чекор по чекор, во структурите на Унијата пред формално да станат членки, порача актуелниот претседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг и поранешен државен министер за Европа на Германија, Михаел Рот.
Во обраќањето на конференцијата насловена „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна демократија“, која се одржува во Собранието, а е во организација на невладината Институт за демократија „Социетас цивилис – Скопје“, германскиот парламентарец рече дека луѓето и владите во земјите на регионот на Западен Балкан имаат итна потреба од опипливи придобивки од пристапувањето кон Европската Унија.
Изразувајќи задоволство што претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, неодамна на Стратешкиот форум во Блед, Словенија, дал сличен предлог како неговиот за време на минатогодишната посета на земјава, Рот на конференцијата излезе со шест конкретни предлози за реформи.
Тие, како што посочи германскиот политичар, треба да резултираат со постепено забрзување на процесот на интегрирање, кој, како што смета, ќе биде попривлечен за земјите од Западен Балкан, без притоа да ги поткопа строгите критериуми за пристапување.
Според Рот, за отворањето на преговорите, заедно со отворањето и затворањето на индивидуалните поглавја, во иднина треба да се одлучува преку квалификувано мнозинство во Советот на министри. Ова е еден од шесте предлози што тој денеска ги кажа пред македонските пратеници.
Како што истакна германскиот парламентарец, недозволиво е само една или две земји членки да ги уценуваат останатите.
„Тоа беше горката реалност кога јас бев министер за надворешни работи. Јас бев на колена бидејќи прво требаше да ги убедувам француските колеги, а потоа требаше да ги убедувам бугарските колеги“,
истакна Рот на конференцијата.
Пратеникот во германскиот Бундестаг и дипломат предлага и земјите-кандидатки кои остваруваат задоволителен напредок во склоп на Преговарачката рамка, во областите на добро владеење и владеење на правото да бидат дел од Европскиот совет и редовно да учествуваат на состаноците на Советот на министри.
Уште еден од предлозите на Рот е пред пристапувањето Европската Унија да оствари уште потесна соработка со земјите-кандидатки во клучните области на безбедност, енергетика и инфраструктура.
„Постепено пристапување кон заедничкиот пазар на ЕУ ќе биде привлечен стимул за пристапување во Унијата. Претпристапна финансиска помош за помагање на напорите за зачленување, која треба да се зголеми значително со цел да се надополнат недостатоците во однос на инвестициите и како еден вид заштита од кинеските заеми“,
рече Рот елаборирајќи ги своите предлози.
Зајакнување на улогата на проевропското граѓанско општество, преку процедури за задолжителни консултации и процес на спонзорства од страна на европските земји-членки со кои ќе се обезбеди техничка помош во процесот на пристапување се останатите два од вкупно шесте предлози што германскиот дипломат ги изнесе на конференцијата посветена на Берлинскиот процес.
Тој истакна дека не треба да се очекува само од земјите-кандидатки да ги исполнат обврските, туку и Унијата треба да работи на своите обврски и дадени ветувања.
„Вчера зборував со мои колеги од Северна Македонија и на сите им е преку глава од Европската Унија. Тоа се млади луѓе кои имале доверба и јасно ми е зошто повеќе не и веруваат на ЕУ. Не станува збор само дека вие треба да ги исполните вашите обврски, туку и ние треба да ги исполниме нашите обврски и да ги исполниме нашите ветувања. Без сомнение, Северна Македонија може да извлече придобивки од овие реформи и токму тоа и е потребно на вашата земја по толку години чекање. Како најголема земја членка на ЕУ, Германија има посебна одговорност за иднината на Западен Балкан и навистина се гордеам што ова е една од главните теми на агендата на нашиот премиер“,
истакна Рот.
Во своето обраќање германскиот пратеник и дипломат се осврна и на руската агресија во Украина и поуката што ја извлекла ЕУ од ваквата ситуацијата дека стабилизацијата и интеграцијата на земјите од Источна и Југоисточна Европа е од интерес на Унијата.
„Тоа не е подарок, туку е за наш сопствен интерес. За да го постигнеме ова, процесот на проширување мора да се реформира на тој начин што граѓаните во земјите кандидати, како што е Северна Македонија, ќе може да извлечат придобивки од првичните предности што ги нуди членството во Унијата, дури и пред да стапи официјално како членка во ЕУ. Европската Унија одвои многу време и вложи многу доверба во земјите од Западен Балкан во изминатите години. Северна Македонија е најдобриот или, за жал, најлошиот пример за ова. Европската интеграција на Северна Македонија ќе биде од симболично значење за целиот регион затоа што е мултиетнички пример за Западен Балкан“,
рече Рот.
Говорејќи во овој контекст, Рот рече оти смета дека ЕУ треба да ги обнови политичките заложби преку кои ќе постави основи за земјите од Западен Балкан да се придружат на ЕУ помеѓу 2025 и 2030 година.
„Знам дека ЕУ не сака да зборува за датуми и дека секогаш е тоа ризично. Но, потребна и е поголема амбиција. Не можам да дојдам во Скопје, Сараево или во Приштина и да кажам: ‘Видете, зависи од вас, колку повеќе сте амбициозни, толку побрзо ќе ви се даде можност да се приклучите кон ЕУ’. Мислам дека ние треба да бидеме поамбициозни. Не сум сигурен дека луѓето во вашата земја би биле трпеливи да чекаат уште 20 или 25 години. Мислам дека треба да утврдиме патоказ кој ќе биде посуштински, попрецизен од оној што го имавме претходно,
рече Рот во своето обраќање порачувајќи „вашата иднина е и наша заедничка иднина“.