Своето учество на овогодишната парада на Денот на победата во Москва го најавија српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на ентитетот Република Српска, Милорад Додик, и словачкиот премиер Роберт Фицо
Евентуалното учество на претставници на државите од Западен Балкан на парадата по повод завршувањето на Втората светска војна, на 9 мај, во Москва, нема да се смета за позитивен чекор во Европската Унија – изјави денеска од Луксембург високата претставничка за надворешни работи и безбедносни прашања, Каја Калас.

„Секое учество на парадата на 9 мај во Москва нема да биде лесно прифатено во ЕУ, со оглед на тоа што Русија води војна во Европа“,
рече Калас по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и додаде дека овој став го искажале повеќе министри од повеќе земји членки на ЕУ.
Своето учество на овогодишната парада на Денот на победата во Москва го најавија српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на ентитетот Република Српска, Милорад Додик, и словачкиот премиер Роберт Фицо.
„Јасно кажавме дека не сакаме ниту една од земјите кандидати да учествува во настаните на 9 мај во Москва“,
рече таа и повика на поголема посета на Киев, со цел солидаризирање со Украина.
Владата на Украина ги покани највисоките претставници на ЕУ да го посетат Киев на 9 мај и на тој начин да покажат единство и солидарност со нападнатата земја.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на тој датум би сакал да биде домаќин на лидерите на земјите кои се подготвени да обезбедат безбедносни гаранции за Украина.
Калас рече дека ЕУ работи на 17. пакет санкции против Русија и посочи дека санкциите за нафтата и гасот ќе имаат голем ефект бидејќи Русија ја финансира војната со приходите од тие извори на енергија.
„Дискусиите за ова се во тек и знаете дека ни треба согласност од сите 27 земји членки“,
рече таа и додаде дека се залага за најсилен пакет санкции.
По завршување на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембруг, каде што вчеравечер се одржа и неформална вечера на шефовите на дипломатите на земјите членки на ЕУ и на државите од Западен Балкан, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, Калас одржа прес-конференција на која рече дека најдобар начин да се намалат теензиите во регионот е сите земји од Западен Балкан да се вклучат во Унијата.